ВИДЕО : За околу еден месец целосно ќе биде завршен паркот Точила 2

Паркот Точила 2 кој се простира на површина од околу 14.000 метри квадратни целосно ќе биде завршен за околу еден месец. Останува да бидат доуредени уште околу 3.000 м2, простор кој се наоѓа помеѓу зградите кои се лоцирани во близина на ООУ „Блаже Конески“. Паркот освен тревната зелена површина, содржи и друга урбана опрема, пешачки патеки поплочени со бехатон плочки, а има и простор определен за паркирање на возилата.

 

 

„Паркот се простира на површина од 14.000 м2, тој се одржува во две смени. За полевање на зеленилото има избушено и бунар со технолошка вода. Паркот ќе биде доработен некаде до крајот на септември. Ова е продолжение на паркот кој се изгради во населбата Точила 1 и кој се простира на површина од 23.000 м2“, рече Рубин Абрашески, технички директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

 

Наскоро се очекува да започне и изградбата на паркот во населбата Точила 3, кој ќе се простира помеѓу зградите кои се наоѓаат над црквата Света Петка.

 

„Со сите овие инвестиции кои се направени во населбата Точила таа станува една од најурбанизираните населби во градот. Се изгради преубав парк во Точила 1, се уредува паркот Точила 2 и од наредниот месец ќе се започне со изградба на паркот во Точила 3, во делот згради К, односно оние кои се наоѓаат над црквата Света Петка. Тоа исто така ќе биде едно преубаво место за релаксација и одмор. Ќе биде уредено со детски игралишта, зелени површини, водни површини, пешачки патеки, урбана опрема како и паркинг простор. Да напоменам и тоа дека во изминатиов период во Точила се изгради и црквата Света Петка, се уредува еден прекрасен плоштад, се реконструираше ООУ „Блаже Конески“, а се изгради и балон сала“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Општина Прилеп.

 

Според она што е влезено во програмата на  Министерството за образование и Министерството за труд и социјална политика во Точила треба да биде изградена и градинка од голем обем, како и спортска сала во ООУ „Блаже Конески“.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien