ВИДЕО : Интензивно се работи на изградба на капелата на старите гробишта во Прилеп

Во полн ек се активностите околу изградбата на капелата на старите гробишта во Прилеп.  Ова ќе биде втора капела која се гради во овој град во период од само 2 години. Претходно, во 2015 година, капела беше изградена и на новите гробишта. Оваа капела ќе биде од помал обем за разлика од онаа на новите градски гробишта каде може да се изведуваат и по 4 погребални церемонии истовреме. Тука ќе може да се изведува само една погребална церемонија, а ќе има и други простории кои се потребни за објект од ваков карактер.

 

„Капелата е во крајна фаза кога станува збор за градежните активности и се очекува тие да бидат финиширани за околу еден месец. Значи тука влегува поставувањето на дограмата, поставувањето на подовите, поплочување, инсталации и друго. Паралелно со градежниот дел се очекува и средување на партерното уредување околу објектот кое пак мора да го одразува и да биде во заеднички стил со овој објект и неговиот карактер. Ова е доста потребен објект за градот Прилеп, а доказ за тоа е капелата на новите градски гробишта која работи со полн капацитет“, истакна Бранко Нешкоски, раководител на ЈП за ПУП.

 

 

Изградбата на објектот ја финансира Иницијативниот одбор за изградба на капелата, кој е формиран од страна на Општина Прилеп пред повеќе години.

 

„Морам да признаам дека градежните работи финишираат и се надевам дека за околу еден месец овој дел од капелата ќе биде завршен. Во наредните неколку месеци ќе треба да се уреди партерно просторот и да изгради паркингот. Убеден сум дека и тоа за брзо време ќе биде завршено. Средствата кои ги имавме собрано како одбор од граѓаните  беа во висина од околу 8,5 милиони денари. На сметката и сега пристигнуваат сеуште по некои минимални износи. Тие средства се на располагање на Општина Прилеп и во секој момент префрламе онолку колку што е потребно. При крај сме со тие средства, а со парични средства во изградба на објектот ќе се вклучи и локалната самоуправа“, вели Симон Наумоски, член на Иницијативниот одбор за изградба на капелата.

 

 

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, денеска изврши увид во градежните работи и истакна дека изградбата на капелите е по барање на самите граѓани и дека тие се од големо значење за градот. Инаку за прв пат својата историја Прилеп доби капела во 2015 година.

 

„Остануваат да се доизградат уште некои финеси во однос на внатрешното и партерното уредување, доколку дозволат временските услови се надевам дека сето тоа ќе заврши до средината на октомври. Инаку ова беше голема потреба за градот, особено за овие стари гробишта. Имајќи во предвид дека во состав на сите гробишта треба да има и капела, таква се направи во новите гробишта со средства со локалната самоуправа и ЈКП „Комуналец“, исто така и за оваа капела ќе бидат одвоени дел средства за нејзина изградба. На напоменам и тоа дека со изградбата на џамијата во населбата Тризла, во нејзиниот внатрешен дел и таму ќе биде изградена капела, така што овие потреби и на христијанското и на муслиманското население во Општина Прилеп комплетно ќе бидат задоволени во наредниот период“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien