Освен бомбите, СЈО ќе гони и висока корупција

Facebook
Twitter
Email
Print

Нацрт- стратегијата за реформа на правосудниот сектор за периодот 2017-2022 година со Акциски план, предвидува специјалното јавно обвинтиелство да добие проширена надлежност. СЈО ќе гони и кривични дела од висок профил на корупција (т.н. white-collar crime), што излегува од постојната законска рамка, пропишана во Законот за СЈО.

 

„Ваквата организациска поставеност на јавното обвинителство ќе биде проследена и со соодветна организација во рамките на судството. Потребно е да се создадат законски предуслови за продолжување на неговата работа како посебно ЈО со автономни надлежности во рамките на ЈО“, ова го пишува во образложението.

 

Одредбите за проширената надлежност на СЈО ќе бидат вметнати и во посебниот Закон за јавното обвинителство. Инаку ова се прави поради постојното законско решение кое се однесува на мандатот на СЈО, а имајќи ги предвид бројноста и сложеноста на предметите

 

Во нацрт-стратегијата пишува дека не е предвидена никаква одговорност за членовите на Судскиот совет избрани од редот на судиите. Во документот пишува дека критериумите за избор на судии се недоволно објективни, а постапката недоволно транспарентна, а одлуките на Судскиот совет за избор на судија не се соодветно образложени. „Постои неусогласен систем со меѓународните стандарди во однос на дисциплинската одговорност на судиите“, се додава во извештајот.

 

Се препорачуваат законски критериуми и постапка за индивидуална и колективна одговорност на членовите на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители. Одлуките на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители за избор на судии и јавни обвинители, како и за нивно унапредување, оценување и разрешување, одлуките за дисциплинска одговорност на судиите и јавните обвинители треба да се детално и аргументирано образложени и јавно објавени. Нацрт-стратегијата предвидува да се овозможи распределба на судските предмети (АКМИС) без надворешни влијанија.

 

Оценувањето на судиите и јавните обвинители првенствено треба да се заснова на нови објективни квантитативни и квалитативни критериуми. Ќе се редефинираат и критериумите за избор на судија-поротник и ќе се зголеми надоместокот предвиден за нивната работа.

 

Ќе се воведе законска обврска за континуирана обука на адвокатите организирана од Адвокатската комора со законски утврден фонд на часови на годишно ниво. Нацрт-стратегијата предвидува и реорганизација и демонополизација на Академијата за судии и јавни обвинители.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи