ВИДЕО : Нераскажаната приказна за манастирот „Свети Ѓорѓија“ кај Прилеп

Секој манастир во прилепско си има своја уникатна приказна за неговото настанување, развој и функционирање низ вековите. Приказни кои се пренесувале од колено на колено, дел усно, дел пак запишани во стари документи.

 

Иако еден од помладите манастири во прилепско и манастирот „Свети Ѓорѓија“ кај Присад кој се наоѓа над вештачкото езеро си има своја навистина интересна приказна, преку која се гледа мудроста и итроштината на македонскиот народ, кога сакал да ги надитри властите под кои бил потчинет.

 

Сето ова го документирал и запишал Горан Василески на 15.07.2013 година, кој за жал сега е починат.

 

 

Манастирот „Св. Ѓорѓија“ се наоѓа на 13 км. североисточно од Прилеп, на патот Прилеп-Велес, кај патниот превој Дервен на планината Борула. Од тука се гледа поголемиот дел на прилепското поле. На местото на манастирот Св. Ѓорѓија постоел некогашен стар манастир, но нема историски податоци кога тој бил изграден. Единствено што е останато кај народот е тоа дека бил срушен со доаѓањето на Турците. Остаток на тој манастир е еден голем камен крст, кој е закопан на кривината под денешниот манастир. На местото на срушеното светилиште не останало ништо, освен еден гроб, меѓутоа не се знае чиј бил тој. На тоа место се наоѓа денешната црква, а стариот манастир исто така бил посветен на Св. Ѓорѓија. Како доказ е тоа што секоја година за празникот Ѓурѓовден, селаните на село Присад се собирале околу гробот, каде имало големи дрва на кои врзувале ортоми и правеле нишалки за нишање и прославување на Ѓурѓовден. Од секогаш тоа место се сметало за свето, а го прекарувале со имињата „кај манстирчето“ и „кај гробот“.

 

Во 1937 година на Весела Спуренкоска, родена во с. Дабница, сопруга на Душан Спуренкоски од с. Присад, и дошло на сон да изгради црквиче на истото место кај гробот. За ова таа заминала прво да се посоветува со Васка Зојческа која била голема верничка од Прилеп. Двете жени одлучиле да започнат со градба на манастирот. Сопругот на Весела, Душан, бил по занает дограмаџија, па направил една дрвена барака во која Васка и Весела ставиле икони, кандила и сите останати елементи кои што се потребни за да функционира една црква. Тоа било како мал параклис посветен на Св. Ѓорѓија. Дрвената барака била осветена во 1938 година, па селаните почнале почесто да доаѓаат на тоа место.

 

 

Според она што е запишано во манастирската книга од страна на Горан Василески во 1943 година во екот на војната, Весела повторно добивала сонови. Тие траеле повеќе време, во кои го гледала Св. Ѓорѓија со копјето, кој и заповедува да направи конаци околу црквичето, т.е да заличи на манастир. Весела не можејќи да го издржи тоа ги замолила селаните на Присад да и помогнат и да направат мало манастирче според сонот. Селаните со свој добротворен прилог почнале да прават објект со две одаи, трем и подрум. Како документ за спомен е оставената слика која е направена во текот на изградбата на објектот, на која што се забележани верници.

 

Околу 1950 година, старото село Присад почнало да се преселува пред ридот Стена, на сегашната местоположба,  но своите религиозни потреби, крштевки, венчавки, слави и слично морале да ги одржуваат во црквата „Св. Атанасиј“ во старото село, бидејќи новото село сеуште немало црква. Но црквата сепак им била далеку, а одењето им претставувало потешкотија, особено во зима. Селаните сакале нова селска црква во новото село, но тогашната власт тоа не го дозволувала.

 

Во 1963 година, на 6 мај Ѓурѓовден, во манастирот присуствувале многу народ од Присад и околните места, Оревоец, Крстец, Плетвар, Лениште, Небрегово и други. После богослужбата имало проповед од страна на попот Петре Ристески, кој предложил да се избере управа на манастирот и да се направи поголема црква. Ниту оваа идеја  на управата да се изгради поголема црква, не била дозволена од тогашните власти.

 

Но како добра околност било тоа што новото село Присад немало своја црква, па наместо манастирска селаните побарале да изградат парохиска, селска црква, која ја изградиле во манастирот, благодарение на Јовко Буштрески, кој имал добри пријатели во комуналното претпријатие од Прилеп.

 

 

Жителите  добиле скица и одобрение за изградба на селска црква, која ќе биде и меѓудругото и манастирска црква.

 

Затоа денес во с. Присад нема црква, бидејќи манастирот Св. Ѓорѓија административно се смета за парохиска црква.

 

Изградата на манастирот започнала во 1964 година кога полициската станица, која била кај денешниот планинарски дом Дервен, се затворила и престанала со работа. Селаните со одобрение на власта, материјалот што бил од станицата, цигли, камења, греди, ѓерамиди и слично го преместиле во манастирот и со него отпочнале да ја градат црквата. Во изградбата на црквата помагале многу народ, не само од Присад туку и од околните села и од градот Прилеп. Поголема заслуга има Драган Пајмакоски кој бил меѓу ретките кои имале автомобил па по неколку пати во текот на денот одел до Прилеп да земе материјал и храна за работниците.

 

Како главни мајстори биле Алекса Јанкоски, неговиот син Киро и Мате бочварот, но сепак без Василе Тодороски не би можела да се замисли изградбата. Камбаните од црквата ги донирала Цена Рибароска со нејзиниот син Менде. Фрескоживописот е целосна донација. Откако била исцртана црквата со фрески, народот одбирал некој светец за кого плаќал, па со тие пари било платено на сликарот Милески Јован и неговиот помошник Милески Миле кои во 1972 година ги цртале фреските во црквата.

 

Имињата на дарителите се напишани веднаш под фреските како благодарност за нивниот гест, а меѓу нив пишани се и многу луѓе кои немаат присадско потекло, но сепак сакале да дадат придонес во овој манастир.

 

Црквата била осветена во 1966 година од страна на тогашниот архиепископ  Г.Г. Доситеј, Епископот преспанско пелагониски Климент и свештениците Петре Ристески и Ацо Алинчанец. Во меѓувреме се појавила извесна жена Коца Босароска која доста помагала во манастирот. За време на осветувањето Коца била замонашена од страна на владиката Климент. И било дадено монашкото име Катерина. Во 1969 година таа била назначена за игуманија на манастирот. За старешина, покрај игуменијата Катерина бил назначен попот Ацо Алинчанец.

 

 

Благодарејќи на него манастирот продолжил да се гради. Биле изградени помошни простории за чување на стока, исто така направил и мал параклис посветен на Св. Пантелејмон. Името на параклисот било донесено според тоа што празникот Св. Пантелејмон 9 август 1964 година биле осветени темелите на црквата. Параклисот е изграден 1975 година. Во него постојат икони, шандани, кандила, лековита вода посветена на исцелителот Св. Пантелејмон. Главен мајстор бил Благоја фурнаџијата.

 

Во 1976 година била донесена електрична енергија во манастирот.

 

Во 1979 година поради непознаи причини новиот владика Горазд ја преместил игуменијата во манастирот „Св. Христофор“ во Битолско. Подоцна во 1990 година кога починала игуменијата Катерина, по нејзина желба, нејзиното тело било вратено назад и таа била погребана во манастирот Св. Ѓорѓија во Присад. Нејзиниот гроб е од десната страна на влезот во манастирот.

 

 

Од тогаш па се до денес манастирот постојано се гради и надоградува со средства и помош на граѓаните и жителите на Прилеп и околните места. Манастирот добил и нова камбанарија. Дотогаш камбаната била во кубето на западната страна на црквата. Новите ѕвона биле донесени од битолската митрополија преку италијанска донација. Камбанаријата е започната да се гради 1997 година, а целосно е изградена во 2003 година. Исто така изградени се и нови конаци.

 

Манастирот Св. Великомаченик Ѓорѓија и понатаму продолжува да се гради и да биде посетуван од народот како аманет за идните поколенија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien