САД демонстрираат моќ – Пјонгјанг предупредува за војна

Facebook
Twitter
Email
Print

Присуството на трите американски носачи на авиони „УСС Роналд Реган“, „УСС Теодор Рузвелт“ и „УСС Нимиц“ кај Корејскиот Полуостров го турка регионот поблиску до нуклеарна војна, се наведува во писмото кое Северна Кореја го упати до Обединетите нации.

 

Американските носачи на авиони, придружени од воени бродови во формација на борбени групи, учествуваат во воена вежба на морнарицата, која трае четири дена.

 

„Тие вежби ја создаваат најлошата можна ситуација кога и да било околу Корејскиот Полуостров. Вашингтон сега спроведува воени вежби, воведувајќи опрема за нуклеарна војна на и околу Корејскиот Полуостров, со што се докажува дека самите САД се главен актер при ескалацијата на тензиите и поткопувањето на мирот“, наведе севернокорејскиот амбасадор во ОН Ја Сонг Нам во писмото до генералниот секретар на Светската организација.

 

Првпат во последните три децении, три американски носачи на авиони пловат заедно во борбена формација и тоа во западниот дел на Тихиот Океан. Во воените вежби учествуваат и поморските сили на Јужна Кореја и Јапонија и тоа со два воени разурнувачи и со еден носач на хеликоптери.

 

„Три супер-носачи кои што моментално пловат во водите на Јапонското море, носат над 200 воени авиони, што е сила поголема од цела армија на многу земји“, пренесува британски „БиБиСи“.

 

 

Вежбите од вакви размери служат како потсетник за противниците дека САД можат брзо да мобилизираат голема сила. Северна Кореја се наоѓа под многу остри санкции кои едногласно ги изгласа Советот за безбедност на ОН, а Трамп во неколку наврати буквално му се закани на Пјонгјанг со целосно воено уништување, алудирајќи на можен превентивен нуклеарен напад врз таа земја.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи