ВИДЕО : Во Прилеп одбележан Меѓународниот ден на студентите

Учество на студентите во „Граѓанскиот парламент“, Економско-социјалниот совет во Општина Прилеп, финансиска помош за подобро ниво на студирање за оние студенти кои се соочуват со одредени финансиски проблеми, а се навистина квалитетни и отворање на просторија во Општината каде студентите би имале услови за пракса и и развој на своите вештини. Ова беа дел од главните точки кои беа договорени на денешната средба помеѓу градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски и студентите по повод 17 ноември Меѓународниот ден на студентите. Студентите истакнаа дека се благодарни што конечно се слушнал нивниот глас за проблемите и потребите кои ги имаат.

 

 

„Денеска по повод Меѓународниот ден на студентите имавме една продуктивна дискусија со градоначалникот на која се разговараше за особено важни проблеми кои ги засегаат студентите, прашања кои студентите сакаа да го постават и се надеваме дека и во иднина ќе продолжи оваа соработка со градоначалникот и Општина Прилеп. Овие средби се од големо значење и особено ни е драго бидејќи се слушна нашиот глас и се надеваме дека ќе се реализираат идеите и проектите кои ги имаме во соработка со авторитетите во градот. Општината тука би помогнала во тоа што би ни овозможила обучувачи, логистички дел што е од големо значење како и праксата која на студентите им е повеќе од потребна и која денеска беше особено нагласена. Исто така треба да се збогати уметничкиот живот во Прилеп за студентите кои сакаат да просперираат во областа на уметноста, за нив треба да се создадат одредени услови “, изјави Димитар Врглески, студент на Правен факултет – Битола.

 

Студентите нагласија дека најосновен проблем со кој се соочуваат е немањето на практичен дел.

 

„Завршно со вториот семестар ние студентите од Економскиот факултет Прилеп имаме практична настава која треба да ја реализираме во траење од еден месец, таа се реализира во фирмите, но ние се соочуваме со проблеми бидејќи таа пракса е колку да се каже дека сме го поминале практичниот дел. Треба да се потврди колку всушност ние сме научиле од таа пракса која во иднина би можела многу да ни помогне во нашето искуство за работа“, кажа Ивана Фурнаџиоска, студент на Економски факултет- Прилеп.

 

Градоначланикот Јованоски истакна дека студентите во иднина можеле целосно да ја имаат неговата поддршка за нивни иницијативи.

 

„Денеска имав посебна чест да имам средба со студентите од нашиот град, оваа средба ми е особено драга затоа што оваа таргет група е иднината на нашата држава и град. Сакам во оваа прилика да им го честитам Меѓународниот ден на студентите. Денеска разговаравме за повеќе теми, разменивме мислења и се надевам дека оваа наша заедничка комуникација и дружење ќе продолжат и понатаму со исто темпо, со моја несебична помош на сите нивоа, за сите нивни иницијативи што треба да следат во наредниот период и со надеж дека овие студенти ќе бидат идните лојални граѓани на нашата држава и кои што ќе не претставуваат тука и секаде во светот“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Претходно студентите положија и свежо цвеќе во Алејата на Непобедените на бистите на тројцата Народни херои кои биле студенти, а тоа се : Мирче Ацев, Кузман Јосифоски – Питу и Борка Талески.

 

 

Меѓународниот ден на студентите (17-ти ноември) во светот се одбележува како симбол на борбата за демократско образование и сеќавање на 17-ти ноември 1939-тата година кога нацистите погубиле 20 чехословачки студенти кои протестирале против окупацијата.

 

Повеќе од 1200 студенти тогаш биле одведени во концентрациони логори при што биле стрелани 9 професори и студенти, а студентските домови и универзитетите биле претворени во касарни. За првпат е одбележан во далечната 1941 година.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи