Лазаров доби условна казна за „Насилствата во Центар“

Томислав Лазаров, кој ја призна вината во случајот „Насилство во Центар“ денеска доби условна казна од 6 месеци доколку во рок од две години не стори друго кривично дело.

 

Тој во изјава за медиумите не сакаше да ја коментира одлуката на Кривичниот суд. Повтори дека жали за стореното и дека повеќе нема да прави нови кривични дела.

 

„Ќе бидам краток бидејќи сум истоштен и истрошен. Можам да кажам само дека го ценат тоа што судот ги ценеше сите олеснителни околности по што и најавив дека нема да се жалам за висината на изречената санкција, а за се останато не можам да зборувам за да не им наштетам на останатите обвинети во овој случај“ – рече Лазаров

 

Лазаров е четвртообвинет во овој случај. Неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на партијата Никола Груевски, во судот минатата недела изјавија дека не се чувствуваат виновни по обвинението. Постапката за Лазаров во овој предмет беше одвоена поради тоа што тој беше единствениот што ја призна вината.

 

Обвинителката Фатиме Фетаи во судот тврдеше дека Груевски го поттикнал поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиевски да им нареди на сегашната пратеничка, а тогашна советничка во општина Центар, Даниела Рангелова и Лазаров да повикаат членови од партијата кои би предизвикале насилство во општината. Целта ,според обвинението, било да ја прекинат седницата на Советот на која требало да се поништат одредени Детални урбанистички планови, поради бизнис интереси на партискиот врв.

 

Фетаи рече дека Лазаров ја искористил шансата која законот му ја дава да признае вина што нема да важи за останатите обвинети кои согласно законот веќе немаат право на тоа. Таа изјави дека се задоволни од пресудата за Томислав Лазаров и рече дека СЈО нема да поднесе жалба.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien