Меѓуетничка кохезија во образованието во Македонија

Подобрување на меѓуетничката интеграција преку овозможување на позитивни интеракции меѓу младите луѓе од различно етничко потекло на ниво на училиште и на ниво за заедница и негување на демократски и граѓански вредности и однесувања, како и волонтерски практики меѓу младите, е целта на проектот на УСАИД кој беше промовиран денеска во Скопје.

 

Пеејќи за убавината на различностите, млади од повеќе средни училишта во Македонија денеска го отворија проектот „Меѓуетничко интегрирано образование“, чија цел е да даде придонес во процесот на образованието и воспитувањето на младите во духот на демократијата и мултиетничката кохезија во Македонија.

 

Идејата е во следните пет години образовни институции, училишта, општини и граѓански организации во земјава да работат на теми за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.

 

Меѓуетничката интеграција на младите во образованието е петгодишна иницијатива вредна 5.8 милиони долари што ќе се спроведува од страна на Македонскиот центар за граѓанско образование во соработка со Министерството за образование и наука, други образовни институции и сите општини и училишта во Македонија.

 

На отворањето говореа министерката за образование и наука Рената Десковска – Треневска, но и премиерот Зоран Заев и амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли.

 

Министерката Треневска – Десковска изјави дека образованието е динамичен процес, а успешното образование значи подготовка на учениците за примена на знаењата и справување со реалните предизвици и промени.

 

„Свесни сме за неограничениот потенцијал, енергија и идеи на младите луѓе. Наша заедничка обврска е да го канализираме тој потенцијал, и да им дадеме можности и примери како истиот конструктивно да го искористат. Сакаме таа енергија да биде насочена кон развивањето на граѓански дух, и активно вклучување на младите во демократските процеси во училиштето, но и надвор од него“, рече Дескоска.

 

Премиерот Зоран Заев изјави дека Владата цврсто е решена да го спроведе концептот едно општество за сите и дека тоа значи држава, институции и училишта за сите, наведувајќи дека разновидноста во земјава е вредност со која сите треба да се гордеат.

 

„Колку порано ги тргнеме бариерите на нивните патишта, по толку почист пат ќе одат и ќе може да се фокусираат на вистинските вредности. Тие вредности не се кој си, туку што носиме во себе, колкав потенцијал, каде може тој да се насочи за да им се обезбедат работни места според нивните капацитети, а со тоа и стабилна егзистенција. Тоа може да го препознаеме и насочуваме најмногу преку квалитативен, интегративен, образовен процес. „Општество еднакво за сите“ подразбира и образование еднакво за сите“, вели Заев.

 

Тој додаде дека Владата ќе ги мотивира сите образовни институции активно да учествуваат во процесите на меѓуетничка интеграција на образованието и дека ќе се заложат за подобрување на наставните програми за граѓанско образование, вклученост на учесниците во донесување на одлуките и за подобрување на училишната инфраструктура.

 

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Македонија, Џес Бејли, рече дека САД ќе ја продолжат поддршката за меѓуетничка интеграција во образовниот процес, потенцирајќи оти разновидноста е една од најсилните страни на ова општество.

 

„Разновидноста е една од најсилните страни на оваа земја. Таа е една од најсилните адути и на САД. Секое мултиетничко општество мора да научи дека сме ние посилни токму поради постоењето, а не поради отсуството на различноста. Пред неколку децении, д-р Мартин Лутер Кинг Џуниор, рече: Нашиот опстанок зависи од нашата способност да останеме будни, да се прилагодуваме на нови идеи, да бидеме претпазливи и да се соочиме со предизвикот што го носат промените“, истакна Бејли, додавајќи дека целта на проектот е младите луѓе директно да ја почувствуваат важноста на толеранцијата и почитувањето на другите.

 

На настанот беше презентирана мобилна апликација во која ќе бидат вметнати сите информации за училиштата, а ќе ја користат наставниците, родителите и учениците.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien