Саудиска Арабија ќе купи американско оружје за седум милијарди долари

Саудиска Арабија одлучи да купи оружје во вредност од седум милијарди долари, произведено од компании за воена индустрија на САД, соопштија светските агенции.

 

Можно е некои конгресмени да се спротивстават на зделката, бидејќи американското оружје е причина за смртта на цивили при саудискиот напад во Јемен. Избраните компании се „Raytheon“ и „The Boeing“, кои одбија да коментираат.

 

Договорот е дел од зделката за набавка на оружје во вредност од 110 милијарди долари, склучена за време на посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Саудиска Арабија во мај оваа година.

 

Продажбата на оружје на Ријад и други земји од Советот за соработка во Персискиот залив е се спорна тема во Конгресот на САД, кој треба да ја одобри зделката. Стејт департментот се уште не ги информирал конгресмените за договорот.

 

„Ние не потврдуваме или демантираме продажби, додека Конгресот не биде официјално информиран за нив“, изјави претставник на Стејт департментот.

 

Тој додаде дека Владата ќе земе фактори како рамнотежата на моќта во регионот и човековите права, како и одразот врз индустриската база на воените претпријатија на САД.

 

Сакајќи анонимност, претставник на американската влада објави дека договорот ќе покрие 10-годишен период. До првата реална достава на оружје може да бидат потребни повеќе години, додаде тој.

 

Во ноември 2016 година администрацијата на американскиот претседател Барак Обама ја блокира продажбата на „прецизна муниција“ во вредност од 1,29 милијарди долари поради загриженоста за бројот на жртвите меѓу мирните граѓани во Јемен. Околу 4.800 мирни граѓани загинаа од март 2015 година, кога предводена од Саудиска Арабија, коалиција се вклучи во конфликтот, кога се соочува со поддржани од Иран шиитски бунтовници хуси, потсетуваат агенциите.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien