Велески : Во 90% од случаите на семејно насилство причина е алкохолизмот

Семејното насилство во Прилеп и Македонија  е во подем, а причина за него пред се е користењето на психотропни супстаниции, алкохолизмот и живеењето на брачните другари понезависно еден од друг за разлика од минатото. Ова се констатациите на стручните лица кои велат дека колку граѓаните се помалку образовани кај нив е поприсутно физичкото насилство, а кај пообразованите граѓани поприсутно е психичкото насилство. Според специјалистот по медицинска психологија, Јован Велески, главен фактор на семејното насилство кое го вршат мажите во 90% од случаите бил алкохолизмот.

 

„Во глобала сметаме дека семејното насилство на полова диференцијација не би требало да има никаква стигма, бидејќи не само жените што се жртви на семејното насилство туку жртви се и мажите. Во однос на возраст генерално поагресивни се помладите категории на лица и најчест пример е дека во однос на машкото насилство, физичко малтретирање на жената, 90% од случаите се злоупотребувачи на алкохол, односно  се случува под дејство на алкохол. Сметам дека овој проблем треба да се решава како базичен алкохолизам или да се решава како злоупотреба на алкохол, во кој што освен социјалните служби треба да се вклучат и судските органи каде што по итна постапка ќе се донесуваат одлуки за понатамошно згрижување на жртвите на семејното насилство од една страна, ќе им се пружи поддршка и соодветен психолошки третман, додека пак насилниците треба ургентно да се третираат. Ако се работи за алкохолизам да посетуваат клуб на лекувани алкохоличари, ако се работи за психичко заболување да се лечат во рамките на психијатриските установи“, вели Јован Велески, специјалист по медицинска психологија.

 

Според Велески судските органи треба пресудите за овие дела да ги изрекуваат побрзо и нагласува дека кампањите што сега се воделе против семејното насилство не биле доволни во сузбивањето на оваа социо-психолошка појава. Исто така тој потенцира дека во ваквите случаи социјалните служби требало многу побрзо да реагираат во згрижувањето на децата.

 

„Генерално сметам дека кај младите брачни парови, брачните другари живеат понезависно еден од друг и имаат своја кариера и токму поради своите интереси имаат поголеми недоразбирања. Голем број на брачни недоразбирања и несоодветно структурирани семејства најчесто доведуваат ако не до семејно барем во вербално насилство, во кое најголема жртва се децата кои потекнуваат од тој брак, нив неможи да ги згрижи ниту таткото ниту мајката бидејќи во тој момент тие или се жртви или се некаде во притвор поради своето психичко или физичко малтретирање. И во тој контекст треба да се организира заштитата на социјалните служби во општеството за да можат децата брзо да се згрижат и безболно да го поминат тој процес“, додава Велески.

 

Велески додава дека во рамките на клубот за лекувани алкохоличари во Прилеп тие им давале поддршка и заштита на жртвите на семејно насилство, алкохоличарите кои сакале да се лечат и останатите членови на семејството.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien