Грчките власти разбија меѓународна мрежа за трговија со дрога и запленија 1,6 тони канабис

Околу 1,6 тони суров канабис беше запленет, 10 лица се уапсени, а неколку припадници на грчката крајбрежна служба беа полесно повредени во големата акција на грчките власти за разбивање на меѓународна мрежа за трговија со дрога.

 

Акцијата, која траеше 48 часа, започна во Јонското, а заврши во Егејското Море. Дилерите, со глисер тргнале од албанското крајбрежје, а дрогата била наменета за Грција и Италија. Операцијата започна северно од грчкиот остров Крф, се префрлила во Егејското Море, бидејќи бродот натоварен со дрога се движел со голема брзина, а бил запрен во морскиот дел кај грчкиот остров Кеа, кој е на мала оддалеченост од атинското пристаниште Лаврио.

 

Грчките власти по добиените и собраните информации, со бродови на крајбрежната служба, хеликоптер и авион на ФРОНТЕКС, но и со нуркачи ги гонеле дилерите во акцијата, која грчките медиуми ја окарактеризираа како гигантска филмска потера.

 

„Од албанското крајбрежје, глисерот го зема канабисот и на грчка територија, во морскиот дел следеше потерата, во која се случи инцидент меѓу глисерот и брод на крајбрежната служба што беше мета на истрели. Откако одговорија со отворање оган и во обид да ги избегнат куршумите, припадниците на крајбрежната служба се фрлија во морето, со што се здобија со полесни повреди“, соопшти Министерството за поморство на Грција.

 

Во саботата вечерта, по 48 часовна потера, припадници на специјалната нуркачка единица, од хеликоптер влегле во морето и со испукани куршуми во моторите успеале да го запрат глисерот со дрога. Од надлежното Министерство велат дека целата акција се водела во исклучително тешки услови, поради големата брзина на глисерот и обидите да избега, но и поради тоа што дилерите биле запрени во ноќните часови со намалена видливост.

 

Во глисерот имало три лица, двајца албански и еден италијански државјанин, кои веднаш биле уапсени, при што се запленети над 1,6 тони суров индиски канабис.  Тројцата членови на криминалната организација за време на акцијата во морето фрлиле оружје, дрога и други предмети. Грчките власти, пак, освен дрогата, заплениле два глисера, еден со три другиот со четири надворешни мотори и оружје.

 

Во друга паралелна акција, биле уапсени уште седум лица, со што вкупниот број на уапсени достигна 10, од кои шест Албанци, двајца Италијанци, еден Бугарин и еден Грк.

 

Истрагата на грчките власти продолжува, за пронаоѓање на други членови на меѓународната криминална група која се занимавала со трговија на дрога по морски пат.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien