На Германија ѝ е потребна стабилна влада, оцени Меркел

По четиричасовните разговори, водечките членови на Христијанско- демократската унија на германската канцеларка Ангела Меркел се согласија да продолжат со обидите за формирање на „голема коалиција“ со Социјалдемократската партија на Германија за да се излезе од политичкиот безизлез на најголемата економија во Европа.

 

„На Германија ѝ е потребна стабилна влада што е можно поскоро и поради тоа што треба да одговори на предлозите за реформирање на ЕУ и поради несигурноста во глобалното опкружување“, изјави денеска канцеларката Ангела Меркел.

 

Четвртиот мандат на Меркел е под знак прашалник по фијаското на тристраните преговори со Партијата на слободните демократи и со Зелените, односно таканаречената Јамајка коалиција. Таа најави дека ќе се сретне со лидерот на социјалдемократите (СПД), кои под притисок на јавноста одлучија да влезат во коалициски разговори со Меркел.

 

Разговорите за формирање на владејачка коалиција во Германија помеѓу конзервативците на Ангела Меркел и социјалдемократите (СДП), најверојатно, ќе почнат во новата година, изјави потпретседателката на ЦДУ, Јулија Клекнер. Идејата за голема коалиција има поддршка од 52% од германското население.

 

СДП неодамна ја смени одлуката да оди во опозиција, откако на изборите во септември го оствари најлошиот резултат во својата историја. Лидерот Мартин Шулц сега вели дека е подготвен за разговори, откако пред десет дена пропаднаа преговорите помеѓу Меркел и нејзините посакувани партнери Зелените и Слободните демократи, поради што постоеше опасност да се оди на нови избори.

 

„За промената на ставот на СДП ќе се дискутира на партиската конференција за две недели, што значи дека разговорите за формирање коалиција нема да почнат пред зимската пауза. Важно е тие да се базираат врз темелност“, изјави Клекнер.

 

Оваа недела, претседателот, Френк Валтер Штајнмаер, планира да разговара со лидерите на сите парламентарни клубови во Бундестагот.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien