Се зголемува семејното насилство во Прилеп

Има зголемување на семејното насилство во Прилеп во однос на лани, а зголемувањето се базира и на подигнување на свеста кај граѓаните да ги пријавуваат овие случаи во полиција, која потоа го известува Центарот за социјална работа. Ова денеска го соопштија од Центарот во Прилеп. Досега од страна на полицијата во 2017 година имало 252 известувања за пријави за семејно насилство, но од страна на стручен тим од Центарот било констатирано дека од тие пријави само околу 130 биле семејно насилство.

 

„Шелтер центар за жртви на семејно насилство во Прилеп нема. На жртвите им се нуди сместување во други вакви центри во Македонија, но најчесто тие одбиваат и се сместуваат кај свои роднини или пријатели бидејќи работат во Прилеп и тука им учат нивните деца. Во Центарот има советувалиште за брак и семејство во кое влегуваат и лица жртви на семејно насилство. Советувалиште за насилници сеуште нема. Стручен тим во согласност со жртвата се договараат и ги повикуваат и насилниците со кои се разговара и им се укажува на тоа која казна можат да ја добијат. Имаме и зголемување на бројот на жртви кои сакаат да се поднесе предлог за изрекување на привремени мерки на суд. Во 2017 година има поднесено 20 предлози за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство. Но исто така има и голем број на жртви кои несакаат да соработуваат, не се појавуваат на поканите и покрај тоа што ќе ги посетиме дома не сакаат да се превземе ништо“, вели Јасминка Митреска, дипл. соц. работник, раководител на услуги од социјална заштита.

 

Статистиките покажуваат дека една од три жени е жртва на насилство, 7% од девојките и жените се силувани, а катастрофален е податокот дека дури 85% од насилниците се од опкружувањето на жените или се нивни блиски. Исто така 15 милиони жени во светот стапуваат во предвремен брак пред нивната 18 година.

 

 

Токму поради сето ова денеска и учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ се приклучија кон акцијата „Со срце за секоја една“ наменета за борба против насилството врз жените и девојките. Тие се собраа во училишниот двор и направија портокалова панделка, носејќи пароли за стопирање на насилството.

 

 

Професорката Петра Лукароска вели дека целта на ова вклучување во кампањата „Со срце за секоја една“ била да се подигне свеста кај учениците за прекршувањето на едно од основните човекови права.

 

„Поради сите овие причини ние како училиште сакавме да го дадеме својот придонес во оваа кампања за подигнување на свеста на учениците за да дадеме поддршка онаму каде што е потребна. Исто така денеска ние се обоивме во портокалова боја која што претставува симбол за оптимистичка иднина на жените и девојките кои што биле сведоци на некое насилство. Целта е учениците да знаат да го препознаат насилството, да знаат каде да го пријават и како да реагираат. Да кажат НЕ и ДОСТА Е. Апелираме да се препознаваат сите форми на насилство и сите тие да бидат соодветно санкционирани “, изјави Петра Лукароска, професор по стручни предмети во СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп.

 

 

Од здружението на жени „Преродба“ од Прилеп велат дека тие секоја година активно учествувале со трибини, работилници и други активности по повод овие „16 дена активизам против семејното насилство“.

 

„Меѓутоа не само овие денови, туку и преку целата година земаме активно учество и се бориме за да нема насилство против жените, девојките и малолетните лица. Но за жал со последните статистички податоци овој број е зголемен. Затоа треба да преземеме поголем број на акции со поширок размер и треба сите да се вклучат во оваа борба против семејното насилство. Ние како организација апелираме до надлежните да преземат поголеми и поквалитетни акции и овој процент да се намали. Иако жените се во мала рака омаловажени кај нас ќе споменам дека жената е столбот на семејството и столбот на општеството. Ние како здружение ќе организираме две трибини „Насилство врз жената“ и „Насилство врз малолетните лица“ кои ќе се случат во првата половина од декември, а целта на тие трибини е да се подигне свеста кај населението за неправдите кои ги трпат жените во општеството, семејството и на работните места“, истакна Лилјана Ѓорѓиеска, здружение на жени „Преродба“.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien