Груевски побара безусловно пуштање на приведените и најави тешка битка за Татковината

Безусловно запирање на сите процеси на политички прогон, безусловно стопирање на малтретирањата од страна на власта и итно пуштање на слобода на сите што се опфатени со класичниот политички прогон, побара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на прес-конференција, по која најави дека заминува на протест пред Основниот суд Скопје 1 поради приведувањето на дел од нивните пратеници за насилството во Собранието на 27 април.

 

„Ова е последниот чин на пресметка со слободномислечкиот Македонец и граѓаните кои искажаа став против тиранската платформа, ова е насилие на власта против секој кој мисли македонски. Во прашање е државата, ова не е правда, веќе законите и уставот не важат, ова е заробена држава“, рече Груевски.

 

Според него, со ова се прави пат за промена на името, на идентитетот.

 

„Во истиот ден кога се разговара во влада за законот за аменистија на илјадници криминалци, за тероризам се обвинуваат оперски пејач татко на три деца, актер татко на три деца, режисер, татко на две деца, доктор, архитект… Нема ниту закони, како во дивиот запад, се елиминира секој кој  слободно размислува и се грижи за државата. Ова е пресметка со сите кои ја сакаат оваа земја и народ. Се пуштаат на слобода убијците на децата од Смилковското езеро, криминалци. За што треба да одговараат оперски пејач, актер, архитект, доктор, за тероризам, каде што минималната казна е 10 години затвор“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Според Груевски, влезот на граѓаните во Собранието бил реакција на Заев и насилниот избор на Талат Џафери за претседател на Собранието.

 

„Во 21 век имаме процес против луѓе кои си ја сакаат својата земја кои гласно кажаа не. Нема да се заборави плачот на децата на Дурловски, на Жаклина, Крсте…  Зошто Дурловски од миланската скала го изнесуваат во пет часот сабајле. Зошто Дамовски го изнесуваат со комбе полицајци. Затоа што си ја сакаат земјата“, додаде Груевски.

 

Тој рече дека ова е „последен час кога треба се реагира“.

 

„Правдата е на наша страна. Ова е борба на народот против хунтата на власт. Ние ќе бидеме на чело на таа светла битка. Таа битка ќе биде тешка, долга, но таа битка ќе се добие. Мора да резултира со победа и ќе резултира со победа. Ние ќе бидеме на браникот на татковината да ги браниме слободата и слободната мисла на народот. Секаде со народот, тоа  е нашата максима и ќе ја оствариме. На улиците по домовите и секаде“, порача Груевски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.