29 Ноември, Денот на Републиката

Некогашниот најголем државен празник во поранешна Југославија, 29 ноември – Денот на Републиката, денес го одбележуваат само поединци.

 

На овој ден пред 74 години е одржано Второто заседание на АВНОЈ во Јајце, на кое е донесена одлука за федерално уредување на идната социјалистичка Југославија, под водство на само една партија – Комунистичката партија на Југославија.

 

Тогаш е одлучено и да се формира Национален комитет за ослободување на Југославија (НКОЈ), кој претставувал еден вид на влада, а одземени се законските права на југословенската влада во егзил и забрането е враќање во земјата на кралот Петар Втори Караѓорѓевиќ до завршување на војната.

 

АВНОЈ го воведе називот „маршал на Југославија“, кој му е доделен на партизанскиот врховен командант Јосип Броз Тито. Функцијата претседател на „првата влада“ на нова Југославија му е доверена на Тито.

 

Две години подоцна, на 29 ноември 1945 година дотогашната Демократска Федеративна Југославија е преименувана во Федеративна Народна Република Југославија, со што монархијата била официјално соборена. На 31 јануари 1946 година е прогласен првиот Устав на ФНРЈ.

 

По завршување на војната, од 1945 година, 29 ноември е прославуван како Ден на Републиката и беше еден од најголемите празници во некогашна СФРЈ.

 

Според тогашниот Закон за државни празници, овој ден се славеше два неработни дена со свечени академии во главните градови на шесте југословенски републики, со почесни плотуни, а децата кои тргнуваа во прво одделение стануваа Титови пионери, давајќи заклетва со црвена марама околу вратот и сина капа со петокрака на главата. Во 1964 година воведена е и наградата АВНОЈ.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien