Димитров се сретна со Тилерсон во Вашингтон

Министерот за надворешни работи Никола Димитров се сретна со државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон.

 

Како што велат од министерството за надворешни работи, Димитров на средбата го запознал Тилерсон со актуелните политички состојби во Република Македонија и во регионот, како и за актуелностите во процесот на надминување на разликите околу името со Грција.

 

„Македонија е на добар пат да биде успех и пример за регионот. САД ќе продолжи да има позитивна улога за стабилноста и напредокот на регионот и да бара начини како да помогне“, изјавил Тилерсон на средбата со Димитров, соопшти македонското МНР.

 

Димитров истакнал дека оставањето на една земја во чекалната на НАТО и ЕУ не е одржлива стратегија и потенцирал дека во решението на спорот со името со Грција не треба да има победник или губитник.

 

„Ова е билатерален спор, но има и меѓународна последица. Ако успееме во евроатланската интеграција ќе биде добро за Македонија, за регионот, Европа и за САД. Спорот со името не треба да биде пречка за евроатланската интеграција на Македонија. Ричард Холбрук излезе со оценка во 95-та, а имаме и пресуда од Меѓународниот суд за правда. Важно е дека ова не го кажувам за да ги обвинам Грците, но не можеме да станеме сојузници ако се повредуваме. Имаме можност за решение во 2018-та“, рече шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.

 

Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Македонија (МНР), Тилерсон рекол дека Македонија е на добар пат да има успех и да биде пример за регионот, а нагласил и дека САД ќе продолжат да имаат позитивна улога за стабилноста и напредокот на регионот и да бараат начини како да помогнат.

 

„САД се инволвирани и ќе останеме инволвирани на Западниот Балкан. Важно е Западниот Балкан да успее, да имаме добри партнерства со земјите од регионот и со ЕУ. Нема да се наметнуваме, ќе помагаме само ако сме потребни“, изјави Брајан Хојт Ји, заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи во Стејт Департмент.

 

Ова е прв пат по 2008 година македонски министер за надворешни работи да биде примен на билатераална средба кај државниот секретар на САД во Стејт департмент. Последна ваква средба беше по Самитот на НАТО во Букурешт во 2008, кога тогашниот претседател на САД Џорџ Буш не успеа да ја внесе Македонија во НАТО заедно со Хрватска и Албанија. Во мај, 2008, тогашниот министер за надворешни работи на Македонија Антонијо Милошоски и тогашната државна секретарка Кондолиза Рајс го потпишаа договорот за страетешко партнерство и соработка меѓу Македонија и САД.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien