Шекеринска – Бошковиќ: Црна Гора ќе ја промовира Македонија во НАТО

Црна Гора ќе биде најголем промотор на македонските интереси во евроатлантскиот процес, порача денеска министерот за одбрана на Црна Гора Предраг Бошковиќ, по средбата со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

 

Црногорскиот министер за одбрана, Бошковиќ, посочи дека двете земји имаат длабоки пријателски, братски врски и дека искуството на Црна Гора за влез во Алијансата може да биде од голема корист за Македонија.

 

„Црна Гора ќе биде најголем промотор на интересите на Македонија во европските и евро-атлантските интеграции, не само поради тоа што Македонија ни е мила и драга земја туку затоа што сметаме дека тоа е во најдобар интерес на Црна Гора бидејќи само стабилен и обединет регион може да биде добра основа за економски раст и развој во целиот регион што е потреба за сите граѓани кои што живеат во овој регион“, рече министерот Бошковиќ.

 

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска изрази задоволство што преку приемот на Црна Гора во НАТО се потврдува дека политиката на отворени врати за членство во Алијансата продолжува. Шекеринска истакна дека тоа е инспирација и доказ дека кога има посветеност на стратешката цел, таа е достижна.

 

„Република Македонија во изминатиот период фокусот го стави на таа своја стратешка цел, членството во НАТО и потоа членството во Европската Унија. Вклучени сме во сериозни реформи, внатрешни, домашни, со коишто ќе покажеме дека Република Македонија верува и го почитува владеењето на правото, независноста на медиумите, битката против корупција и ги исполнува критериумите кои се сметаат за политички критериуми за членство во НАТО“, рече министерката.

 

Премиерот на Република Македонија Зоран Заев на средбата со црногорската делегација на министерството за одбрана информираше за текот на реформите на ниво на држава кои со забрзано темпо се преземаат во насока на евроатлантските интеграции на Република Македонија, особено за текот на реформите на ниво на Министерство за одбрана на Република Македонија и АРМ. Премиерот Заев ги издвои чекорите што се преземаат за подобрување на животниот стандард и условите за работа на припадниците на АРМ, како и зајакнувањето на капацитетите на Министерството за одбрана кои во наредната година ќе бидат значително поддржани и со зголемената ставка за овие области во Буџетот на Република Македонија.

 

„За нас, за Владата на РМ, за граѓаните на нашата земја и за нашите стратегиски интереси како што се евро-атлантските интеграции, членството на Црна Гора во НАТО е водилка на охрабрување, и за нас ќе биде од исклучително значење да се повикаме на искуствата на Република Црна Гора од нејзиниот процес за членство во северноатлантската алијанса“, рече премиерот Заев на средбата со министерот за одбрана Бошковиќ.

 

Сите овие напори и вложувања, како и одлуката за зголемување на придонесот на АРМ во мировни операции „Одлучна поддршка“ и УНИФИЛ, се во насока на очекувањата, Република Македонија идната година да стане полноправна членка на НАТО, рече премиерот Заев.

 

„Ја користам и оваа прилика уште еднаш да се заблагодарам за целосната поддршката на Црна Гора за полноправно членство на Република Македонија во НАТО, која доаѓа како резултат на нашето долготрајно и искрено пријателство и од заедничките стратешки интереси“, истакна премиерот Заев.

 

Министрите потоа во касарната „Гоце Делчев“ учествуваа на свечената заклетва и промоцијата на потпоручници на Воената академија. На свеченоста заклетва дадоа 32 новопримени питомци, од кои 23 од Македонија, пет од БиХ, двајца од Црна Гора и двајца од Косово, а во чин потпоручник беа промовирани 22 питомци од Македонија, по двајца од Црна Гора и Косово и еден од БиХ. На свеченоста во почетен офицерски чин беа промовирани и 41 слушател со завршен стручен курс за оспособување и усовршување.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien