Грујевски и Бошкоски побарале политички азил во Грција

Екс началниците на УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски, поднеле барање за политички азил во Грција, соопштија неофицијално адвокатите кои ги застапуваат нивните предмети пред судот во Солун.

 

Грчкиот суд во Солун го одложи судењето на вработените во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошкоски за 17-ти мај идната година. Судот обезбедил преведувач од македонски јазик, но судењето на групата мигранти во коишто се наоѓаат и Грујевски и Бошкоски било одложено, бидејќи еден од обвинетите мигранти не бил уредно поканет за рочиштето.

 

Грујевски и Бошкоски беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18-ти октомври, при обид со лажни патни исправи да заминат за Будимпешта. Претходно, две рочишта беа одложени поради немање преведувач од македонски јазик.

 

Македонски власти на 6-ти ноември побараа екстрадиција на Грујевски и Бошкоски, коишто се обвинети од страна на Специјалното јавно обвинителство за уништување на материјалите од прислушувањето.

 

Според нивните адвокати, без разлика каква одлука ќе донесе судот, обвинетите имаат право на жалба која ќе го одложи нивното евентуално екстрадирање.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.