Заев: Не сме стигнати до таму да разговараме за нови имиња

Facebook
Twitter
Email
Print

Медијаторот на Обединетите нации за името, Метју Нимиц, денеска во Брисел по тригодишна пауза ќе оствари средба со преговарачите на Македонија и Грција, Васко Наумовски и грчкиот дипломат Адемантиос Василакис.

 

„Подобрена политичка клима меѓу двете земји ја овозможи оваа средба, која е дел од напорите на ОН да им се помогне на двете страни за наоѓање прифатливо решение за спорот со името“, соопшти канцеларијата на Нимиц.

 

Иако, засега нема официјални навестувања дали Нимиц ќе излезе со нови идеи, според грчката телевизија „Стар“, на маса би можел да биде ставен предлогот „Нова Македонија“.

 

Премиерот Зоран Заев денеска во Приштина рече дека сè уште не е разговарано за конкретен предлог откако денеска името „Нова Македонија“ го свртеа грчките медиуми како предлог за решение на спорот.

 

„Веројатно тоа е предлог на медиумите, ние немаме стигнато до таму да разговараме за некои нови имиња или слично. Она кое што веруваме дека овие денови ќе се разговара е потврда на желбата на двете страни за суштествено да навлезат во решавање на проблемот кој што Грција го има со нашето уставно име“, изјави Заев денеска.

 

Изрази надеж дека под посредништвото на Метју Нимиц ќе биде потврдена заедничката желба на двете страни и на Република Македонија и на Република Грција за изнаоѓање на вакво решение.

 

„Ние на нашата страна јавно тоа го потврдуваме. Тие се и напатствијата на нашиот преговарач и се надевам дека состанокот ќе заврши во позитивна атмосфера за да можеме понатаму да очекуваме разработка на можни решенија на овој проблем“, рече Заев.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи