Владата бара решение за „Казандол“

Facebook
Twitter
Email
Print

Сè уште нема конкретни одлуки што ќе се прави со рудниците во југоисточниот дел на Македонија. Ветувањата во изминатиот период и во предизборието од локалните избори стојат, но надлежните сè уште работат на изнаоѓање правни формални аспекти и механизми околу ова прашање, брифираат од Владата.

 

„Здравјето на граѓаните е врвен приоритет, вториот приоритет е заштита на животната средина и тие одат еден до друг. Во исто време мора да се заштити и да се обезбеди интересот на државата. Во моментов, Владата на РМ работи на изнаоѓање на правно- формални аргументи и механизми за решавање на овој проблем, со цел да се заштитат приоритетите“, изјави денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски

 

Премиерот Зоран Заев денеска уште еднаш повтори дека Владата ќе остане на своето ветување и оти ќе се искористи секој правно-формален аспект за да се спречи изградбата на рудниците.

 

„Уште еднаш Ве уверувам дека секој правно формален аспект ќе го искористиме за да останеме на своето ветување дадено пред граѓаните. Ќе направиме се. Нашата намера е да ја спречиме изградбата на рудниците, се што постои правно формално, а гледам дека има пропусти правните тимови работат, ќе ги издадат сите овие резултати што се како заклучоци“, рече Заев кој денеска заедно со претседателот на Собранието Талат Џафери присуствуваше на настан во организација на Евро-атланскиот совет.

 

Неодамна, при гостување во „Топ-тема – На ваша страна“, градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, изјави дека не ја исклучува можноста за граѓанска непослушност доколку продолжи изградбата, бидејќи, како што самиот кажа, тој бил дел од граѓанските иницијативи против овие рудници уште од самиот почеток.

 

Инаку инвеститорот во Казандол од денес започнува со минирање, предупредија од иницијативата „Спас за Валандово“.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи