Скопје е прогласен за најзагаден град во светот

Денеска во медиумите се појави информација дека градот Скопје го држи првото место како најзагаден град во светски рамки, престигнувајќи ги Калкута во  Индија и Дака во  Бангладеш.

 

За лошиот квалитет на воздухот зборуваат и податоците од Европскиот индекс за квалитет на воздухот кој ја означува Република Македонија како држава со многу сиромашен квалитет на воздух.

 

Но, што всушност значи поимот “индекс за квалитет на воздух”? Индекс за квалитетот на воздухот или AQI (Air Quality Index) се користи за известување на дневно ниво. Овој индекс покажува колку е чист или загаден воздухот кој го дишете, и кои здравствени проблеми ги предизвикува истиот. Индексот се фокусира на здравствените последици кои можете да ги почувствувате по неколку часа или дена по дишење на загаден воздух.

 

Квалитетот на воздухот се оценува според неколку критериуми: концентрација на сулфур диоксид (SO2), азот диоксид (NO2), суспендирани честички (PM10), фини честички (PM2,5), озон (O3) и јаглерод моноксид (CO). Измерените концентрации се споредуваат со постојните упатства за квалитет на воздухот. За сите овие загадувачи, EPA има одредено национални стандарди за квалитетот на воздухот за да го заштити јавното здравје.

 

Како функционира индексот за квалитет на воздух?

 

Замислете го индексот како мерка која се движи од 0 до 500. Колку е повисока вредноста на индексот, толку е поголемо загадувањето, а со тоа и грижата за јавното здравје. На пример, индекс од 50 означува добар квалитет на воздухот со мал потенцијал за штета на јавното здравје, додека индекс со вредност од 300 претставува опасен квалитет на воздухот.

 

Сите вредности под 100, EPA ги означува како генерално задоволителни. Кога индексот ќе се искачи над 100, квалитетот на воздухот се смета за нездрав – најпрвин за чувствителните групи на луѓе (деца, трудници и стари лица), а потоа и за сите други.

 

Како да го разберете индексот за квалитет на воздухот?

 

Целта на индексот е да ви помогне да разберете што локалниот квалитет на воздухот значи за вашето здравје. Со цел полесно да разберете, индексот за квалитет на воздухот е поделен во шест категории:

 

Секоја категорија кореспондира со различно ниво на здравствена алармантност:

 

• Добриот индекс за квалитет на воздухот се движи од 0 до 50. Квалитетот на воздухот е задоволителен, а загаденоста на истиот носи мал ризик или воопшто не носи ризик.

• Умерениот индекс е од 51 до 100. Квалитетот на воздухот е прифатлив и носи умерен ризик по здравјето за некои луѓе (лица кои се чувствителни на озон можат да почувствуваат респираторни проблеми).

• Индексот кој се движи од 101 до 150 е индекс кој е нездрав за чувствителни групи на луѓе. Тука спаѓаат децата и постарите лица, како и лица кои имаат срцеви болести и болести на белите дробови.

• Нездравиот индекс се движи од 151 до 200. Ваквиот квалитет на воздухот може да предизвика здравствени проблеми кај сите луѓе, а чувствителните лица можат да почувствуваат посериозни ефекти.

• Екстремно нездравиот индекс за квалитетот на воздухот е од 201 до 300. Овој индекс предупредува на голема здравствена алармантност поради опасноста од појава на посериозни здравствени проблеми.

• Опасниот индекс е повисок од 300. Ваквиот квалитет на воздухот е опасен за секој жител.

 

Како да се заштитиме?

 

1. Информирајте се за нивото на загаденост во вашата област. Тоа може да се следи преку различните апликации и платформи кои го пресметуваат индексот за квалитет на воздухот. Како најточни се издвојуваат веб-страната http://airquality.moepp.gov.mk/ како и мобилната апликација Мој Воздух.

2. Избегнувајте движење со велосипед или подолг престој надвор. Движењето со велосипед е еколошки метод, но сепак во зимските месеци тој не е соодветен. Физичкиот напор при возење велосипед предизвикува задишување и дишење преку уста што го зголемува навлегувањето на штетните гасови директно во респираторниот систем.

3. Користете маска за лице или шал. Во присуство на зголемена концентрација на штетни честички во воздухот задолжително носете маска или шал за да го спречите навлегувањето на овие честички во дишните органи.

4. Набавете домашен прочистувач за воздух. Во некои силно загадени области на светот, уредите за прочистување се задолжителен уред за секој дом. Воздухот кој го дишеме дома исто така има потреба од прочистување, бидејќи при проветрување навлегуваат истите штетни честички и загадувачи.

5. Намалете го целокупното загадување и во вашиот дом. Старите перници, теписи, стари душеци и завеси се предмети со голема концентрација на прав. Ослободете се од нив или темелно чистете ги на неколку недели за да бидете сигурни дека во вашиот дом не се собираат нездрави нивоа на прав и микроорганизми.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien