ВИДЕО : Во Прилеп ќе бидат свиткани над 60.000 посни сарми за Св. Никола

Во Прилеп започнаа подготовките за патрониот празник на градот Свети Никола. Денеска во манастирот Св. Димитрија кај селото Селце жените од здружението „Мајка Традиција“ започнаа со виткање на традиционалните посни сарми, со кои во 2008 година Прилеп влезе и во Гинисовата книга на рекорди кога беа свиткани околу 80.000 посни сарми.

 

Прилепските домаќинки велат дека малите посни сарми се уникатен специјалитет кој го има само во Прилеп. Се подготвуваат со зелка, ориз, масло, црвен пипер и црн пипер

 

 

„Сармите за празникот Свети Никола се најубави. Прво се треби оризот, му се става црвен пипер, црн пипер, масло. Големината на една сарма е колку еден лешник. Со овие сарми влеговме и во Гинис, затоа што сармите се преубави, а нив ги прават прилепските преубави домаќинки“, со смеа и радост раскажува Падна Ризоски, членка на здружението „Мајка Традиција“.

 

„На младите им пренесуваме да ја продолжат оваа традиција која кај нас трае веќе со години. Таа е наследена од нашите дедовци и прадедовци. Посакуваме Господ да ни ја чува Македонија и Прилеп“, вели Блага Станкоска, членка на здружението „Мајка Традиција“.

 

 

На виткањето сарми присуствуваше и градоначалникот Јованоски кој порача дека и во иднина ќе продолжи оваа традиција.

 

„Денеска се собравме во манастирот Свети Димитрија каде се прават посните сарми за нашиот патрон празник Свети Никола кој се слави секоја година. Оваа традиција ќе продолжиме да ја негуваме и понатаму. За оваа година домаќини на славата се сопствениците на хотелот „Салида“ и мислам дека се погрижија празникот да се одбележи во една свечена атмосфера“, изјави Илиија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Домаќините истакнаа дека за славата обезбедиле околу 1 тон зелка, 700 кг. грав, 500 кг. риба, масло 700 кг., ориз 700 кг., ракија 800 литри и друго. Очекуваат да се направат околу 60.000 посни сарми.

 

 

„По повод патрониот празник на градот Прилеп, Свети Никола, како домаќини сакаме да ги поканике сите граѓани на Прилеп и пошироко да присуствуват на оваа свеченост. Им се заблагодарувам и на жените од здружението „Мајка Традиција“ кои помоганаа околу подготовката на целата оваа манифестација“, рече Ице Ѓорѓиоски, домаќин на славата.

 

Во вторник на 19 декември Прилеп ќе го одбележи патрониот празник Свети Никола со литургија во црквата Свето Блавештение, прережување на славскиот колач кај параклисот на Свети Никола во центарот на градот и со посна трпеза која ќе биде поставена за сите граѓани.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи