Алијансата за Албанците дефинитивно се повлекува од Владата

Facebook
Twitter
Email
Print

Алијансата за Албанците дефинитивно се повлекува од Владата и ќе делува како опозиција, потврдуваат извори во партијата. Иако првичниот став беше дека ќе останат во власта додека не се донесе законот за јазици, новата одлука е сепак да излезат од власта.

 

Замениците министри од Алијансата за Албанците, Арта Точи, заменичката на министерот за надворешни работи и Ремзи Мемети, заменик министерот за транспорт и врски, поднесоа оставки.

 

Зијадин Села, лидерот за Алијансата за Албанците вели дека излегуваат од Владата бидејќи се наруши договорот што го имале со Заев.

 

„Очигледно е дека ова се прави под притисок на Али Ахмети, кој што го воспоставува истиот принцип на владеење и коалицирање како што беше кога премиер беше Никола Груевски. Другата причина е законот за јазиците, кој сѐ уште не е донесен. Законот е ставен на дневен ред на собраниска седница која ќе се одржи најдоцна на крајот на јануари“,  вели Села.

 

Таравари потсетува дека Алијансата за Албанците во власта влегла во еден драматичен момент за државата на 27 април и дека партијата не можела да дозволи да биде третирана како „слепо црево“.

 

„Премиерот на една држава треба учесниците во владата да ги третира како партнери, а не како слепо црево“, порачува Таравари.

 

Поранешниот министер за здравство и актуелен градоначалник на Гостивар објаснува дека во последниве два месеца нивната партија била игнорирана во однос на важни прашања, меѓу кои и кадровските решенија за кои не биле ниту известени, а камоли консултирани за мислење.

 

„Премиерот го испрати предлогот за министер за здравство во Собранието, а за тоа немавме никакво известување. Ние немаме ништо против предложеното решение, но требаше да нè информираат за тоа. Нашите директори се под постојан притисок, луѓето што беа дојдени во кабинетот кога бев министер за здравство исто така се под притисок дека ќе бидат избркани од работа. Во вакви околности партијата реши дека подостоинствено е да бидеме опозиција, отколку во власта“, вели Таравари.

 

Ставот на Алијанса е дека засега ќе ја поддржат реформската агенда и ќе гласаат за законите што се од интерес на граѓаните, а за понатаму партијата сè уште не донела одлука како ќе дејствува.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи