Напумпан оптимизам пред новата рунда преговори за името на 19 јануари

Facebook
Twitter
Email
Print

На 18 и 19 јануари во Њујорк ќе се одржи новата рунда преговори на македонскиот и грчкиот преговарач Васко Наумовски и Адамантиос Василакис со посредникот Метју Нимиц, а ако во овој период се следат изјавите на политичарите, лесно е да се помисли дека сме на прагот на решение, бидејќи оптимизам за решавање на проблемот со името постои, како во Македонија, така и во Грција, иако тој повеќе е на зборови, отколку што реално го има.

 

Сите оптимизмот го црпат од различни мотиви. Премиерот Зоран Заев речиси секој ден повторува дека е можно решение во првата половина од годинава, а новогодишната средба со градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, ја оцени како можност за испраќање порака дека од оваа страна на границата има пријателски народ. Македонија, според него, е решена во првото полугодие суштествено да навлезе во решавање на проблемот со името и самиот тој е убеден дека е можно да се најде решение. Нему, како што вели, му е драго што од другата страна постои оптимизам.

 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во кусо радио интервју рече дека е оптимист за прашањето за името, но очекува и конкретни чекори од македонска страна.

 

„Сѐ додека од другата страна навистина постои желба да се направат чекори, а останува да го видиме тоа, верувам дека може да се направат чекори кон излез од безизлезната ситуација“, рече Ципрас.

 

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, објаснува дека сѐ уште не се започнати суштински преговори на претставниците на двете земји со медијаторот Нимиц, ама е убеден дека прашањето ќе дојде во парламентот, дека предлогот ќе биде исклучително добар и ќе го поддржат мнозинството пратеници што размислуваат патриотски и одговорно. Тој уште додава дека владата во Атина е решена да придонесе кон решение на проблемот и бара од македонска страна „да ги намали или во најдобар начин, да ги елиминира тоновите поврзани со иредентизмот“.

 

Заев, пак, во интервју за „Дојче веле“, е уште поголем оптимист дека во атмосфера на добра волја, политичка зрелост и подготвеност за надминување на ова прашање, многу брзо можеме да дојдеме до решение во спорот за името. Истовремено, смета тој,„црвените линии треба да ги претвориме во осветлени патеки што водат до решение прифатливо за граѓаните на двете земји“.

 

Тука е и претседателот Ѓорге Иванов, кој не е толкав оптимист, ама очекува и се надева дека НАТО нема да биде заложник на една своја членка што има себични интереси и дека на наредниот самит Македонија конечно ќе стане членка на НАТО.

 

Тоа е оптимизмот, но каква е реалноста?

 

Во Грција се говори за спротивставеност на политичките партии, разлики во коалицијата, а Ципрас повторно вели дека е оптимист. Опозициската Нова демократија се заканува дека нема гласа за решение ако владата не е единствена, а Коѕиас не сака да ги открива црвените линии. Но спротивставувањето меѓу грчките партии се сведува на разликите околу тоа дали решението да не го содржи зборот Македонија и дали да биде „ерга омнес“, позиции од кои ниту една не е прифатлива за Македонија.

 

Според нашите информации, црвените линии, за кои зборува Коѕиас, не се поместени ниту милиметар наназад, што значи сложено име со географска одредница, за севкупна употреба. Ваков максималистички и тврд став, како што дознаваме, грчкиот преговарач изнел и на последната средба со посредникот Метју Нимиц во Брисел, што значи и промена на Уставот и сѐ што повлекува тоа.

 

Истовремено, и македонската страна не отстапила од своите ставови дека не преговара за јазикот и за идентитетот.

 

Во меѓувреме, во грчката јавност сѐ повеќе се шпекулира со новата методологија, како што ја нарекуваа и која ќе биде суштинска во наоѓањето решение, која предвидува решавање прво на името, а потоа билатерално да се преговара и да се договара за идентитетот и за јазикот, уште една позиција што не ѝ одговара на Македонија, бидејќи, како што оценуваат дипломатите, тоа буквално ќе значи пораз во фази.

 

Па така, сѐ се сведува на нереален оптимизам и на тоа кој подобро ќе одглуми пред САД и пред меѓународната заедница дека сака решение.

 

Од друга страна, Македонија сѐ уште е далеку од единствена позиција. Премиерот Заев е оптимист, министерот за надворешни работи Никола Димитров е повоздржан, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште не се изјаснила. Владата нема баш и некоја заедничка позиција со претседателот Иванов, со кого кохабитацијата заглави, особено на прашањето за притворот за настаните од 27 април и за законот за јазикот. За кохабитацијата и градењето заеднички став за името доволно кажува и фактот дека пред средбата на преговарачите со Нимиц во Брисел, амбасадорот Наумовски имаше одделни средби за координација со Заев и со Иванов. А сето тоа не оди во прилог на градењето широк консензус.

 

Извор: МКД

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи