Ново играње со човечките судбини на и онака напатениот народ

Како да не беше доволно 12 годишното изживување врз сопствениот народ, уценувањето, заплашувањето, присилното терање да одат на митинзи, да бидат само обична бројка, да се потпишуваат на разни петиции по потреба и да учествуваат на бројни собири и манифестации. Сега повторно истиот тој народ да се најде под притисок само од другата страна.

 

12 години против својата волја администрацијата во Македонија беше користена за разно разни цели. Претходната власт мислеше дека ако им дала некаков си договор на дело за работа дека ги поседува и нивните животи.

 

Па така послушната армија административци правеше буквално сè што ќе и се речеше со надеж дека можеби еден ден на некого ќе му текне да им даде решение на неопределено време. Го правеа тоа затоа што немаа друг излез, во таква држава живееме, никој од тие што ќе кажат спротивно од ова немаше да им однесе леб на нивните деца.

 

Во таа администрација голем дел нишаа врата и земаа плата, но исто така голем дел и професионално си ја работеа својата работа.

 

На 31.12.2017 година на огромен дел од тие луѓе им завршија договорите. Само во Прилеп за еден ден без работа останаа над 200 лица, а оправдувањето на владејачката партија е дека тие не ги избркале од работа, туку едноставно им завршил договорот. Дури и им порачаа за својот проблем да се обратат кај ВМРО-ДПМНЕ кој ги вработил. Поглупаво оправдување амин.

 

Па нели „Живот ќе имаше за сите“ ?. Или тоа беше само за пред избори додека се седне во фотелја. Немавте ни доблест барем предвреме да им кажете на тие луѓе дека ќе си одат од работа, или како што вие милувате да кажете дека им престануваат договорите, туку тоа им го соопштивте како новогодишна честитка 2 дена пред Нова Година. Мизерија. Човечки е на некого да му соопштиш дека ќе си оди од работа барем 1 месец пред тоа.

 

Дали се прашувате дека на поголем дел од тие фамилии тоа им беше единствениот извор на егзистенција ? Се прашувате како овие луѓе ги поминаа празниците, додека вие изигрувавте некакви добри вили и хуманитарци, организирајќи некаква си хуманитарна програма на плоштадот во Прилеп за Нова Година?

 

Да направевте барем некоја селекција, да видите кој и што работел, дали има потреба да остане на тоа работно место или не. Дали реално работи или не. Туку Вие ги испуштивте сите што имаа договори.

 

Се однесувате како Понтиј Пилат, ги измивте рацете и топката и вината ја префрливте кај Марјан и ВМРО-ДПМНЕ. Па да, најлесно е така. Е па другари, ако Марјан и ВМРО-ДПМНЕ правеле така и ги лажеле вработените, како што тврдите, тогаш Вие бидете поголеми од нив и оставете ги да си ја работат својата работа. Помеѓу испуштените има луѓе кои тука работеле со години, зарем тие не се професионалци во својата работа ?

 

Но вие моравте да го направите тоа сè со една цел да го вработите и задоволите вашето членство и ништо повеќе. Бидејќи нема каде на друго место да се вработи, економијата во моментов во Македонија е компир, нула.

 

Така ќе правите професионална администрација? Овде нема П од професионализам. Е токму затоа нема никогаш да не биде.

 

А не можам да сфатам и тоа што овој чекор се оправдува во голем дел од коментарите и постовите на социјалните мрежи. Не знам што ви згрешиле овие луѓе. Ако некој друг правел криминали, крадел, или го уништил вашиот животот на некаков начин, тие не се криви за тоа. Вината барајте ја кај друг.

 

И за да нештата станат појасни, не го пишувам ова бидејќи и јас сум еден од тие на кои им прекинаа договорите на 31.12. 2017, не плачам и не сакам да се вратам назад да работам во Општина Прилеп. И онака никогаш и не сум сакал. Тука се најдов сосема случајно по склоп на разни околности кога останав без работа точно пред околу една година. Единственото нешто што сакам да го работам е новинарството. Сите што ме познаваат знаат дека никогаш, ама никогаш, не сум бил поврзан ниту со ВМРО-ДПМНЕ, ниту со СДСМ, мене никогаш не ме сакала ниту една политичка партија, на што многу се радувам, за разлика од други кои сега се прават разни борци за човекови права, револуционери, независни експерти, НВО сектор, па и новинари кои глумат лудило, а се крајно партиски обоени, а за тоа што го работат добиваат дебели хонорари.

 

Ова го пишувам затоа што во Македонија нема никакви промени, сè било стани мурто, да седни курто.

 

Пред околу 2 недели правев прилог за театарската претстава „600.613 – Каде ми се другарите ? “ на училиштето за театар од Прилеп „Чин 4 Сцена 5“. Во претставата се обработуваше тематиката дека од 600 до 700.000 луѓе се иселиле од Македонија за 20-тина години. Од 20 млади кои што ги анкетирав, 20 од нив не ја гледаат својата иднина во Македонија. Знаете ли колку е тоа трагично ?

 

А знаете зошто е тоа така? Токму поради тоа што партиската книшка во оваа држава е сè. Како што викаше Курто Дудуш, партиската книшка е втора лична карта во Македонија. Тоа е така и за време на ВМРО-ДПМНЕ и за време на СДСМ. Го уништивте народот, само продолжете така!

 

А од овие избркани од работа во цела Македонија веднаш после Божик гарантирам дека половината од нив ќе започнат со аплицирање за бугарски пасош, ако досега и не им е тоа во постапка.

 

Во Македонија потребни се коренити промени, не само на зборови, тоа го изнаслушавме 27 години, а не видовме ниту едно дело, за жал.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien