ДМ повлече бебешка кашичка поради остатоци од хлор во неа

Германскиот синџир продавници „Дрогери маркт“ ДМ од продажба го повлече производот babylove кашичка за бебиња со јагода, малина и јаболка 100% овошје 4м+, 190 г, со рок на траење до 05.07.2019, откако во примерок биле пронајдени остатоци од средства за чистење, кои содржеле хлор.

 

Како што информира Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), досега нема нотификација дека овие кашички биле увезени во Македонија.

 

„Инспекторите за храна на граничните премини го контролираат и увозот на оваа категорија производи. Покрај при увозот, и во прометот инспекциските служби на Агенцијата вршат контрола на безбедноста на оваа категорија производи и во рамки на Мониторинг програмата за безбедност на храната. Со досегашните резултати од контролите не се потврдени отстапувања на оваа категорија производи. Согласно Законот за безбедност на храна, обврска на операторите со храна е во рамки на сопствените ХАЦЦП планови да вршат задолжителни лабораториски испитувања на производите со кои ќе ја потврдат безбедноста. Резултатите од ваквите испитувања се контролираат од страна на инспекторите за храна“, наведува АХВ и додава дека ќе ја следи состојбата со повлекувањето на кашичките во Германија и доколку има потреба соодветно ќе реагира.

 

„ДМ“ вчера соопшти дека при контрола на тегличка е утврдено присуство на остатоци од средство за миење што содржи хлор.

 

„Бидејќи квалитетот и сигурноста на нашите производи и безбедноста на нашите потрошувачи се наш најголем приоритет, ДМ најљубезно ги замолува сите свои потрошувачи кои го имаат набавено производот со спорен рок на употреба во  која било земја каде што е присутен ДМ, истиот да не го консумираат и да го вратат во ДМ дрогериите во Македонија, без разлика дали истиот е отворен или не“.

 

Од купувачите кои ги набавиле кашичките со наведениот датум се бара да престанат да ги користат и да го вратат производот во која било продавница на ДМ, за што ќе им бидат вратени пари во висина на целиот износ на неговата редовната цена.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.