ЗНМ: Новинарите работат во небезбедни услови

Facebook
Twitter
Email
Print

Новинарите работат во небезбедни услови и постојано се соочуваат со притисоци, ова се заклучоците во извештајот на здружението на новинари на Македонија во врска со слободата на говорот и безбедноста на новинарите во Македонија во 2017 година.

 

Претседателот на Здружението на новинари Насер Селмани, на презентацијата на извештајот, посочи дека минатата година се регистрирани вкупно 18 нови напади на новинари, од кои 13 физички и вербални, а останатите пет се навреди, попречување при работа и уништување на имотот на новинарите.

 

„Ова истражување освен политичката изразена волја на Владата и подготвеноста на новиот министер за внатрешни работи да работи со нас и да ги расветли сите случаи на напади врз новинари, друг позитивен развој не гледаме. Може да се каже дека има едно подобрување во начинот на известување на медиумите, но тоа е повеќе од тоа што престана економскиот притисок од власта, и тоа е еден позитивен сигнал“, изјави Селмани.

 

Посочи дека има извесно подобрување во постапувањето на полицијата, која сега брзо ги идентификува напаѓачите и покренува кривични и прекршочни пријави, меѓутоа предметите заглавуваат во Обвинителство и ниеден од насилниците не е изведен пред лицето на правдата.

 

Како најбрутален физички напад на новинари минатата година, Селмани го посочи 27 април, кога приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ насилно влегоа во Собранието. За овој случај, продолжи тој, Јавното обвинителство оформи предмет и утврден е идентитетот на сторителите, но за жал тие се уште не се изведени пред лицето на правдата.

 

„Тоа е вистинската слика за грижата на новата власт. Ако сакаат да пратат јасна порака дека им е важна слободата на говорот и медиумите, прво што треба да направат е да почнат да ги казнат насилниците кои напаѓаат новинари. Без тоа ние се уште не можеме да тврдиме дека новата влада сериозно е заинтересирана за подобрување на состојбата на медиумите, изјави Селмани.

 

Извештајот, исто така, покажува дека новинарите работат под исклучително лоши економски услови, имаат мали и нередовни плати, а немаат ниту договори за трајно вработување.

 

„Според истражувањето на ССНМ 45 проценти од новинарите имаат помали плати од македонскиот просек, а на мнозинството им доцнат платите. Нема подобрување ниту на законодавството, кое не е усогласено целосно со најдобрите европски практики“, изјави Селмани.

 

Извештајот е изработен со финансиска поддршка на Европската унија во рамки на Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и заштитата на новинарите.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи