ВИДЕО – Орданоски : Локалните медиуми не можат да опстанат без субвенции од централната и локалната власт

Доколку локалните медиуми не бидат субвеницонирани на некаков начин од страна на централната и локалната власт ќе продолжи процесот на замирање на медиумите кои ќе сакаат да бидат независни, а од друга страна ќе продолжи едно политичко-партиско злоупотребување на оние медиуми кои ќе постојат, а кои ќе бидат осудени на некаква елементарна поддршка од градоначалниците. Ова беше главната поента која денеска ја изнесе аналитичарот и новинар Сашо Орданоски, на дебата во Прилеп, која ја организираше невладината АГТИС, а која беше насловена „Каква телевизија или какви медиуми му се потребни на Прилеп ? “. Орданоски потенцираше дека на Прилеп му недостасуваат медиуми кои што ќе се грижат за јавниот интерес, а не за политички, партиски или било каков друг бизнис интерес. За да се постигне тоа пак е потребна финансиска помош.

 

 

„Затоа мислам дека сега е добро време да се дебатира за тоа со оглед на промената на власта во Македонија, како еден нов почеток за целата демократија во државата после еден период на недоумици и падови низ кои поминавме. Јас лично мислам дека локалните медиуми не можат да опстанат доколку не се предмет на одредени субвенции кои ќе доаѓаат од централно и локално ниво и тоа субвенции кои не мора да бидат во обем да ги остават медиумите да бидат комотни во своето однесување, но барем да ја поддржат нивната елементарна функционалност и второ тие субвенции да бидат поделени според јасни и транспарентни критериуми. Секој однапред да ги знае празвилата на играта и да се надева дека во една фер конкуренција ќе има достап до одредена поддршка која што ќе му помогне на тој медиум да опстане. Речиси и да не познавам европска држава каде што тие медиуми не се субвенционирани, значи и во Холандија и во Норвешка и во Франција тие медиуми се субвенционирани, само што се субвенционирани на еден начин кој гарантира транспарентност и фер во критериумите“, истакна Орданоски.

 

Сашо Орданоски, аналитичар и новинар

 

Таа дебата според Орданоски треба да се иницира и покрене преку ЗНМ.

 

„Затоа мислам дека најверојатно преку ЗНМ која ги застапува нашите интереси би требало повторно да се покрене таа инаку дискутирана дебатирана тема во Македонија во изминативе 30 години, како да се обидеме на локално ниво да дојдеме до таа субвенционирана помош, за опстојување и растење на локалните медиуми. Тоа нема да биде лесна дебата, бидејќи пари нема, но ние гледаме дека кога политичкиот интерес постои, градоначалниците сакаат да даваат пари, па потоа да се сликаат по телевизите, да даваат коментари за порталите и радијата, кои што тие ги финансираат, се мисли од нивен буџет, иако тој буџет во суштина е буџет на граѓаните кои живеат во општината“, додаде Орданоски.

 

Петар Арсовски, аналитичар и комуниколог

 

На дебата учестуваше и аналитичарот и комуниколог Петар Арсовски кој исто така е на ставот дека државата мора да помогне и да интервенира на некој начин затоа што локалните медиуми се во изумирање.

 

„Начинот како да се обезбеди функционирање, независност и егзистенција за локалните медиуми, бидејќи тие често се соочуваат со егзистенцијална криза, е дебата која трае секаде во светот и во најразвиените демократии и морам да кажам дека крајно решение никој досега не успеал да донесе. Тешко се опстојува на локално ниво, особено на еден ваков мал пазар, ние немаме локални моќни економии, така што ќе мора да постои некаква интервенција од страна на државата. Ние освен финасирањето преку овие проекти на Советот за радио дифузија, сега Агенцијата за медиумски аудио и аудио-визуелни услуги од државата немаме други субвенции. Мислам дека тоа треба да се подразмисли како некаков модел, бидејќи локалните медиуми имаат подиректна врска со граѓаните. Државата мора да помогне и да интервенира затоа што локалните медиуми се во изумирање“, рече Петар Арсовски, аналитичар и комуниколог.

 

Александар Цветкоски, НВО „АГТИС“

 

Од НВО „АГТИС“ кои ја организираа дебатата потенцираа дека скоро сите локални телевизии во Македонија пропаѓаат и повеќе ги нема локалните проблеми на медиумите.

 

„Оценето е дека во Прилеп и Македонија скоро сите локални телевизии одат надолу и пропаѓаат. Оценето е дека тие кои се финасираат имаат отворена или скриена партиска агенда што од друга страна доведува до подвоеност на вестите како што има во цела Македонија, но исто така нема покривање на локални проблеми, ги нема малите приказни. Ја нема едукацијата на граѓаните и граѓанското новинарство кое треба да ги фати политичарите на дело и да ги види лошите насоки на водење на една општина, лошите насоки на функционирање на одредена национална или локална институција“, вели Александар Цветкоски, НВО „АГТИС“.

 

На дебата беше потенцирано дека во наредниот период ќе се посвети посериозно внимание на решавањето на овој голем проблем со опстојувањето на локалните медиуми.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи