ВИДЕО – Жителите од „Три Багреми“: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со години не лажат

Живот во куќарки изградени од картонски кутии, ѓубриште на сите страни, кал, смрдеа и неподносливи услови за живот. Ова е хорор сликата од населбата „Три Багреми“ во Прилеп која за жал веќе со децении не се менува, туку од ден на ден станува сè полоша и полоша. Жителиите велат дека се крајно разочарани од сите полиитички партии во државава кои со години наназад ги лажеле дека ќе ги подобрат условите за живот. Особено политичарите биле присутни тука за време на изборите.

 

 

„Ветуваа сите, партиите, градоначалниците, дека ќе ни го направат патот, дека ќе имаме канализација, појака струја, подобри услови за живеење, меѓутоа нема ништо од тие ветувања. Нема ни контињери донесено, ни патот е среден, ништо, катастрофа. Еднаш дојдоа пред гласањето, рекоа дека ќе средат сè, дека ќе направат свеченост кога тоа ќе се среди и ние сите гласавме. Но џабе. Ветуваа и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Пред гласањето дојдоа од СДСМ, рекоа дека ќе ги направат улиците, меѓутоа ништо“, вели Ерсад Рашидоски.

 

„Каква партија, погледнете како е овде, вода, кал… барем цемент да имаме, не мора асвалт. Ова вака било, вака и ќе остане, без разлика која партија ќе дојде, дали тоа ќе биде ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Немаме ни канализација, ни ве-це,. Сите не изигруваат. Рекоа дека ќе ни донесат вода за пиење, но уште немаме ни вода за пиење, ни ништо. Пиеме езерска вода, која е валкана“, додава Рифад Акифоски.

 

Ромите од „Три Багреми“ велат дека ги лажел кој како ќе стигне. Потенцираат дека и тие се луѓе и тие имаат и деца дека и тие сакаат да имаат нормални услови за живот како и другите жители на Прилеп. Бараат да им се исполни сè она што им било ветувано.

 

„Треба овде да се намести канализација бидејќи немаме, но имаме мали деца кои можат да добијат зараза. Немаме ни вода, нема како да живееме. Патиштата не чинат, секаде има кал. Кај и да излезат нашите деца, секаде има кал. Како што живеат другите и ние сакаме така да живееме. Секоја година ни ветуваат дека ќе прават нешто, но ништо не прават. Кој ќе стаса ни ветува од партиите, ама џабе… ветер во магла“, вели Џенги Зекироски.

 

„Патиштата се лом, не можат ни луѓе да поминат на горе. Ништо немаат направено. Политичарите ни ветуваа дека ќе дојдат, дека ќе наместат појака струја, но луѓето горе не можат ни телевизор да уклучат. Дојдоа од партиите, рекоа дека ќе наместат струја и вода, но горе нема ништо. Дојде и градоначалникот и кажа дека ќе ни се помогни, ќе има вода за пиење, ќе има појака струја, меѓутоа нема ништо“, истакна Оркан Сулејманоски.

 

Пред околу 3 месеци градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски заедно со тогашниот министер без резор Самка Ибраимоски истакнаа дека за краток период во оваа населба треба да започне да се решава проблемот со слабиот напон на струја и да се започне со решавање н инфраструктурните проблеми. До денес ништо од тоа не е решено.

 

Денеска екс министерот Ибраимоски заедно со сегашниот Министер без ресор Аксел Ахмедоски ја посетија Општина Прилеп и рекоа дека парите од 2,5 милиони денари веќе биле стигнати на сметката на Општина Прилеп и за неколку недели ќе започнел да се реализира проектот за подобрување на напонот на струја.

 

„Овој процес го продолжуваме од минатата година, за потегот Три Багреми од населбата Тризла 2. Заедно со Министерството и Владата на Република Македонија, средствата од 2.5 милиони денари се стигнати на сметката на Општина Прилеп и утре или зад утре ќе биде потпишан новиот договор меѓу Општина Прилеп и ЕВН, за да отпочне процедурата за реализација на овој проект, како што беше договорено претходната година“, изјави Јованоски.

 

„Техничка работа е, треба да се направи договор помеѓу ЕВН и локалната самоуправа, бидејќи локалните акциски планови припаѓаат на локалната самоуправа. Бидејќи парите се дојдени на сметката на локалната самоуправа и се наменски, за зголемување на напојувањето на електричната енергија во Три Багреми, деновиве ќе се усогласат околу договорот, ќе го потпишат и верувам дека до крајот на месец март, таа населба ќе има квалитетна струја, како што треба да има и секое населено место“, изјави пратеникот Ибраимоски.

 

Министерот без ресор истакна дека во населбата ќе се реализираат и други проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните.

 

„Ова е моја прва средба со градоначалникот на вашата општина. Локалните акциски планови произлегуваат од стратегијата за подобрувањето на состојбата на Ромите во Република Македонија. Понатаму, со плодна соработка, се надевам дека ќе ги решиме овие проблеми“, рече Ахмедоски.

 

Од НВО РОМА СОС се надеваат овој конеќно ќе започне реализацијата на проектите за подобрување на животот на граѓаните во населбата „Три Багреми“.

 

„Пристапот на струја сериозно ќе ја подобри состојбата на овие жители, со оглед на тоа што дирекно е поврзано со греењето на овие домаќинства, дирекно е поврзано со ноќното осветлување, безбедноста на тие жители и движењето во ноќните часови. Од тие причини сметаме дека со овој проект сериозно ќе се подобри состојбата на тие жители. Меѓутоа исто така подобрувањето на пристапот до патиштата, пристапот до водоводна мрежа се цели кои остануваат дополнително да се реализираат во соработка со градоначалникот на Општина Прилеп, бидејќи за истото даде ветување во претходниот период“, истакна Несиме Салиоска, изврршен директор на РОМА СОС Прилеп.

 

Државата треба под итно да ја подобри состојбата во оваа населба затоа што и овие луѓе заслужуваат да имаат пристоен и достоинствен живот.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien