Пронајдена Клотилда: Последниот брод што нелегално превезувал робови во САД пред речиси 160 години

На брегот на делтата во која реките Томбигби, Тенсов и Мобил се влеваат во истоимениот залив во американската држава Алабама, неодамна бил откриен брод, за кој истражувачите веруваат дека е остаток од Клотилда, последниот брод кој на брегот на денешните Соединети Американски Држави од Африка носел робови пред речиси 160 години.

 

Остатоците ги откри невообичаено ниската осека, а ги пронашол новинарот Бен Рејнс, кој од тогаш е во постојан контакт со стручните лица кои се обидуваат да утврдат дали тоа е тој легендарен брод, пишува „Дејли меил“.

 

Историските податоци говорат дека капетанот на бродот, Вилијам Фостер, по пристигнувањето во заливот Мобил Беј во 1860 година, го запалил и потонал бродот, а бродските остатоци се пронајдени во непосредна близина на тоа место. На дрвената конструкција се видливи и траги од горење, како и техники на бродоградба карактеристични за тој период.

 

„Дефинитивно може да се каже можеби, а можеби дури малку повеќе од тоа, оти локацијата е таа, градбата изгледа исправна, од вистинскиот период, а се чини и дека бродот изгорел“, објаснува Грег Кук, археолог од Универзитетот Вест Флорида.

 

Џон Братен, кој работи со него на испитувањето на бродските остатоци, смета дека „ништо не укажува дека тоа не е ’Клотилда’, а неколку нешта укажуваат дека – е”.

 

Иако претседателот на САД, Томас Џеферсон во 1807 година потпишал закон со кој се забранува „увоз“ на робови, на американскиот југ ропството било присутно и децении подоцна. Главно пристаниште за тој вид транспорт бил токму заливот Мобил Беј.

 

Бродот во 1860 година испорачал 110 робови во заливот. Тоа се случило една година пред почетокот на Американската граѓанска војна, и е последниот запишан случај на „увоз на робови“ во САД.

 

Откривањето на мистериозните бродски остатоци следи по неуспехот на голем број истражувачи кои се обиделе да го пронајдат легендарниот брод во текот на годините.

 

 

Луѓето кои по истоварувањето од Клотилда станале робови, по Граѓанската војна останале да живеат на истото подрачје каде го создале градот наречен Африкантаун, во кој зборувале на свој јазик и воспоставиле сопствен образовен систем.

 

Последниот преживеан од Клотилда починал во 1935-тата година.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи