Макрон ја предупреди Турција: Офанзивата во Сирија не смее да биде инвазија

Facebook
Twitter
Email
Print

Турските воздухопловни сили денеска го бомбардираа градот Африн, 65 километри од Алепо во Северозападна Сирија, при што загинаа најмалку три лица.

 

Свој кометнтар за ситуацијата во Сирија имаше францускиот претседател Емануел Макрон, кој во интервју за весникот „Фигаро“ изјави дека интервенцијата на Турција против курдската милиција во Сирија ќе преставува проблем доколку тоа се претвори во „вистинска инвазија“.

 

„Ако операцијата стане нешто повеќе од борба со потенцијална терористичка закана на турската граница и се покаже операцијата како инвазија, ќе имаме вистински проблем со тоа“, истакна Макрон.

 

Францускиот претседател најави дека за ова прашање повторно ќе разговара со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

 

На тоа реагираше турскиот премиер Бинали Јилдирим, кој истакна дека Франција греши и дека Турција не ја окупира Сирија.

 

„Франција греши, нема окупација. Целиот свет знае и треба да знае дека постапките на Турција во ниту еден момент не се поттикнати од окупаторски менталитет. Погледнете ја операцијата „Еуфратски штит“, таа е доказ за тоа“, изјави Јилдирим по средбата со либанскиот премиер Саад Харири во Анкара.

 

Јилдирим нагласи дека Анкара ја почитува територијалната целовитост на Сирија и нејзиното зачувување е цел на Турција.

 

„Наша цел е прекин на ракетните напади врз нашата територија, како и разбивање на терористичките организации во реонот на Африн“, додаде Јилдирим.

 

Турската војска на 20 јануари започна офанзива во Африн на северот на Сирија против курдската Единица за заштита на народот, која ја смета за терористичка организација и разгранок на Курдската работничка партија, која води 30-годишна побуна на југоистокот на Турција.

 

И покрај повиците за воздржаност, Ердоган неодамна рече дека офанзивата ќе продолжи се додека „не се елиминира последниот терорист“, алудирајќи на курдските борци.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи