Facebook
Twitter
Email
Print

Точно шест децении од големата трагедија…

 

Минхенското предвечерје обвиено во оловна магла. Десниот брег на ледениот Изар, 6. февруари 1958. година, нешто по 17 часот…

 

Новинарот на „Дејли Мејл“ Питер Хауард некако дојде до телефонот и се јави во редакцијата од болничкиот кревет: „Ало, Пит тука, дали се слушаме? Пишувај брзо, се јавувам од болницата во Минхен“. Стенографот внимателно ги бележеше зборовите на Хауард: „Два пати се обидовме да полетаме, а потоа механичарите ги изгасија моторите и детално ги прегледуваа инструментите. Конечно, добивме дозвола и за трет обид. Се наваливме во седиштата и почувствувавме како авионот лизга по заледената писта. Не можеше на време да се одлепи од земја и удривме во една куќа. Авионот се преполови на два дела“… Пит малку застана, длабоко воздивна, па продолжи: „Се истури гориво. Многу пламен, многу трупови“… Повторно молк. Стенографот остана без трпение: „Ало, Пит, дали си уште тука? Диктирај понатаму“…

 

„Ве молам, само јавете и на мојата сопруга дека сум жив“, беше последното што Хауард собра сили да го изговори пред да потоне во сон. Неговите колеги Тед Елијард и Френк Тејлор не се јавија во своите редакции. Беа многу потешко повредени. Сите останати новинари, нив осуммина, веќе беа мртви. И не само тие. Од 44 патници, дваесетина ги загубија животите. А тоа беше авионот на Манчестер Јунајтед! Компанија „БЕА“, летало „Елизабетен“, најдоброто што британското воздухопловство го имаше во тој момент. Славниот Мат Безби, творецот на великанот од „Олд Трафорд“, го водеше своето одделение на екскурзија во Белград, на натпревар против Црвена Звезда во Купот на шампионите. Џеф Бент, Роџер Бирн, Еди Колман, Данкан Едвардс, Марк Џонс, Дејвид Пег, Томи Тејлор и Лијам Били Вилан никогаш не се вратија дома.

 

Последната екскурзија – хорор филм. Ударот беше застрашувачки. И како се да се заврши во секунда. Крај. Ќе биде во право Бил Шенкли, само животот и смртта се посилни од фудбалот. Остана во таа мачна ноќ на периферијата од Минхен само лут, морничаво лут татнеж од моќната бука од Алпите помешан со звуците на разни сирени некаде во далечината…

 

Мат Безби го презеде Манчестер Јунајтед кон средината на 1945. година, додека топовите на истокот се уште не беа целосно стишани. „Олд Трафорд“ беше срушен во бомбардирањето на Герингевиот „Луфтвафе“. Требаше да се започне од нула. Безби играше за Манчестер Сити и Ливерпул, се очекуваше тренерската кариера да ја започне во еден од тие два клуба – понудата од Редси веќе ја имаше во џебот – но се се промени поради едно писмо на познатиот административец и скаут на Јунајтед Луис Рокa кој заедно со легендарниот клупски секретар Волтер Крикмар уште како играч сакаше да го доведе во 1930. година. Безби се уште ја немаше соблечено униформата, писмото беше кратко, ред или два, и го затекна на аеродромот во Есекс. Последната реченица беше во духот на сето она што Европа и светот ги затекна тие години:

 

„Не дозволувај да паднеш во рацете на непријателите“…

 

И Мат Безби пресече. Имаше само еден услов – директорите и газдата Џејмс Гибсон да не му се мешаат во работата, да може да состави тим по сопствена желба.

 

Football – Sir Matt Busby – Old Trafford
Former Manchester United Manager Sir Matt Busby walks out at Old Trafford
Mandatory Credit : Action Images
Football – Sir Matt Busby – Old Trafford – 91/92
Former Manchester United Manager Sir Matt Busby walks out at Old Trafford
Mandatory Credit : Action Images

 

Безби воглавно работеше без пари. Сакаше да состави млада екипа која за неколку години ќе владее со Англија, доведуваше играчи од 15 и 16 години. Плати само за центарфор, оној вистински островски разбивач во ликот на Томи Тејлор од Барнсли и за голманот Хари Грег од Донкастер. Постои една позната приказна за трансферот на Тејлор… Паднал договор обесштетувањето да биде 30.000 фунти, но Безби не сакаше неговиот нов играч да го носи товарот на така голема, па уште и округла сума (секако стануваше збор за светски рекорд во тие моменти), па го отвори својот паричник и на госпоѓата која служеше чај и виски за време на преговорите во Оуквел и даде една фунта. „Ете, сега не чиниш 30.000 туку 29.999 фунти. Ти честитам, стана играч на Манчестер Јунајтед! Треба веднаш да знаеш дека тоа е голема чест“.

 

Мат Безби почнуваше да ги воспитува своите момци од моментот кога ќе потпишеа за него. Така создаваше култ на голем клуб. Били Фоулкс, славниот централен бек и долгогодишен капитен го доведе од Ланкашир кога овој имал само 17 години – 19 сезони, 688 натпревари за Јунајтед. Најславниот од сите, Боби Чарлтон, дојде од северот, од малиот Ашингтон, од школската клупа, имаше само 15. А најдобриот од сите, Данкан Едвардс, „Данкан од Дадли“ – грофовија Западен Мидлендс, ќе дојде на препорака на Џо Мерсер, познатиот школски тренер и подоцна селектор на националниот тим, познат како Вујко Џо. Тоа чудо од дете, ненадминлив лев халф со „шестка“ на грбот, А репрезентативец во седумнаесеттата година, Безби пред нос им го украде на Вулверхемптон и Астон Вила. И повторно не вложи ни пени. Само му објасни дека ќе игра за Манчестер Јунајтед. Со години! И дека еден ден во соблекувалната, на негово место, ќе го сочека капитенската лента. Резервниот бек Џеф Бент и стандардниот халф Еди Колмен стигнаа од предградијата, од Салфорд, Дејвид Пег од Хајфилдс, Кенет Морганс беше Велшанец од Свонси, Сканлон и Вајолет се родени баш во градското јадро… Знаеше Безби дека за шампионски тим му треба и некоја капка врела ирска крв, па од Белфаст го собра Џеки Бланчфлауер, помладиот брат на Дани Бланчфлауер, познатиот ас на Тотенхем, и веселиот Даблинец Лијам Вилан.

 

Екипата конечно беше комплетирана кон средината на педесеттите. Ги нарекуваа „Безбиевите бебиња“…

 

Првиот натпревар од четвртфиналето во Купот на шампионите Манчестер Јунајтед и Црвена Звезда го одиграа на 14. јануари 1958. година. Јунајтед: Грег, Фоулкс, Бирн, Колмен, Џонс, Едвардс, Морганс, Чарлтон, Тејлор, Вајлоте и Вилан. Црвена Звезда: Беара, Томиќ, Зековиќ, Митиќ, Сајиќ, Поповиќ, Борозан, Шекуларац, Топлак, Тасиќ, Костиќ. На клупата беше Миша Павиќ.

 

Ден воочи натпреварот бардот на југословенското новинарство Мирослав Радојичиќ на страниците на „Политика“ се обиде на југословенската јавност да го опише ривалот на Звезда: „Најголемата сила на Манчестер Јунајтед е неговиот Мат Безби, човекот кој создаде шампионски тим. Еден од највкоренетите аксиоми на Островот е дека тимот кој победува не се менува. Тој тоа го смета за предрасуда. Безби афирмираше стратегија дека тим пред кој се наоѓаат 60 натпревари во сезоната мора да има 18 играчи, сите мораат да бидат подготвени да играат на повеќе позиции, така што секогаш фактички можете да искомбинирате два тима“…

 

„Црвено-белите“ на „Олд Трафорд“ пристигнаа директно од Казабланка, од долгата африканска турнеја. Ги сочека густа островска магла, таква што голманите Беара и Грег не можеа да се видат еден со друг. Црвена Звезда поведе во 35. минута. Лазар Тасиќ го лобуваше Хари Грег од дваесетина метри по акцијата на Борозан и неколку одлични дриблинзи на Рајко Митиќ. Домаќинот подобрата игра ја круниса дури во 65. минута – се тргна од Едвардс, топка за Сканлон, па уфрлање кон Боби Чарлтон и тоа е 1:1. Одбраната на Звезда потклекна уште еднаш во 81. минута. Погоди Еди Колмен. Во својот распеан извештај воодушевениот Радојичиќ една од многубројните шанси на Манчестер ја опиша како само тој умее: „Племенитиот лорд гаѓаше прекрасно, но судбината беше многу милосрдна кон младите птички“.

 

Беара бранеше чудесно таа ноќ. Целосно го оправда својот прекар Големиот Владимир. Во „Дејли мејл“ утредента освана текст под наслов „Беара, крал на голманите“, а „Тајмс“ пишуваше дека само Владимир Беара ја сочувал надежта на Звезда пред мечот во Белград. Доби оценка 9, што за голмани во тоа време било вистинска реткост.

 

До поаѓањето на реваншот на 4. февруари Јунајтед одигра два натпревари во првенството. На домашен терен го победија Болтон со 7:2, а во големото дерби на „Хајбери“ падна Арсенал – 5:4. Мат Безби не се занесуваше. Знаеше што го чека во југословенската престолнина…

 

„За нас никако не би било добро да играме по снег и мраз. Црвена Звезда во првиот натпревар не играше добро, но верувајте, тоа е многу добар тим, особено опасен дома“.

 

Англичаните во Белград пристигнаа во вторник. Натпреварот беше закажан за среда. И имаше и снег и мраз. Стадионот „ЈНА“ – „Маракана“ се уште не беше изградена, а малиот стадион на Звезда не можеше да ги собере сите заинтересирани, почетокот на мечот беше закажан за 14:45 часот, капиите отворени на пладне. Еден час пред почетокот веќе имало 50.000 луѓе на трибините…

 

Црвена Звезда катастрофално го отвори натпреварот. Фудбалерите на белградскиот тим ги понесе амбиентот, сакаа да си поигруваат со Англичаните. Во 2. минута греши капитенот Митиќ. Непотребен и неуспешен дриблинг во опасната зона. Вајолет казнува – 0:1. А потоа Чарлтон два пати во 30 и 31. минута. „Црвено-белите“ не знаеја што ги снашло. Мирисаше на катастрофа.

 

Во вторите 45 минути, сепак, Звезда се консолидираше и се прилагоди на условите. За помалку од 15 минути беше 3:3. Два пати Костиќ и Тасиќ од пенал. Остана доволно време, повеќе од половина час. На домаќинот му беше потребен уште еден гол за мајсторка (тогаш не важеше правилото гол на гости), која ќе се играше во Италија. Но, остана 3:3. Се изнапромашуваа Шекуларац и Тасиќ. И Англичаните така извлекоа жива глава на „ЈНА“. Белградската публика со петминутен аплауз ги испрати двата тима од теренот. Фудбалерите на Манчестер застанаа покрај аут-линијата и исто така со аплауз го позадравија напуштањето на теренот од страна на домашните играчи.

 

 

А по натпреварот, останала ноќ за паметење…

 

„Ние со нив остваривме неверојатно пријателство! Сите беа пријатни и воспитани, вистински англиски џентлмени. Ни ден денес во домот немам ниту една своја фотографија, но нивната ја чувам урамена“, зборуваше во една прилика родениот Штипјанец, играч на Брегалница и Црвена Звезда, Драгослав Шекуларац.

 

Се започнало со заедничка вечера која Црвена Звезда ја организирала во „Мажестик“. Постои едно мени во музејот на Звезда, веројатно највредно на светот… Таа вечер, 5. февруари, голманот на Јунајтед Хари Грег го зеде менито (крем супа, телешки рагу, полнета мисирка, мешана салата, омлет изненадување…) и одеше од маса до маса собирајќи потписи од сите играчи. Постојат и фотографии од таа вечера, велат дека се уште таму, покрај Ален Делон, Елизабет Тејлор, Мирослав Крлежа и сите останати значителни гости.

 

Живите сведоци на таа случка зборуваа дека Англичаните не ја тргнале насмевката од лицата и дека биле многу весели. Се пеела „Кога светците маршираат“ (When the saints go marching in), а потоа капитенот Роџер Бирн ја поведе „We’ll meet again, don’t know where, don’t know when, but we know we’ll meet again some sunny day… од Вера Лин. Бирн веќе бил под „гас“, ја подигнал чашата за здравица…

 

„Што не го дадовте и тој четврти гол, па повторно да се сретнеме“… Безби само дискретно се смешкал гледајќи го под око својот капитен. Аплаузот бил неизбежен по таквиот коментар, а потоа и пригоден краток говор од страна на менаџерот на Јунајтед:

 

„Ова патување за нас е полно со изненадувања. Тие почнаа кога се спуштивме на ваша земја. Не очекувавме дека тука ќе затекнеме магла, како кај нас, а следниот ден сонце. Отидовме да го видиме теренот, очекувавме снег и мраз, а таму снег, мраз и кал. Кога поведовме со 3:0 помислив „Мат, конечно вториото полувреме од еден меч ќе можеш да го гледаш мирно, пушејќи луле и уживајќи“. И навистина запалив луле. По вториот гол на Звезда веќе престанав да пушам и почнав да се тресам“.

 

Претседателот на Звезда, Душан Благојевиќ, на кратко го прекина Безби прераскажувајќи ги воздишките на 50.000 луѓе на стадионот по едно промашување во финишот од натпреварот…

 

„Ох, господине претседателе, па вие не сте ја разбрале таа воздишка. Тоа беше моја воздишка на олеснување откако Шекуларац промаши“.

 

Благојевиќ потоа стана од своето место, му пријде на Безби и му го предаде подарокот.

 

„Бидете сигурни, господине претседателе, дека оваа вазна која ни ја дадовте ќе заземе почесно место меѓу нашите трофеи“.

 

Некаде околу полноќ дошло време за разделба. И секако дека на никој не му дошло до такво нешто. Роџер Бирн го повикал шефот на страна, да го замоли за уште некој час. Сите останати со нетрпение го очекуваа исходот од тој разговор. На крајот, со нив пошол и самиот Безби. А каде на друго место во Белград, ако не во култната боемска улица Скадарлија!?

 

А таму, во таа славна белградска боемска долина, пеела Дивна Костиќ, првата дама на Скадарлија. Ќерка на руската циганка Марија Керчова и југословенскиот шаховски велемајстор Борислав Костиќ.

 

Дивна не сакала ни во „Мажестик“ ни во било која друга кафеана, па ни на „Белиот двор“… „Моето работно место е во Скадарлија, кој сака да ме слуша нека дојде“. Тоа важело, велат, и за самиот Тито, па и тој морал кај Дивна на „гостински терен“.

 

Фудбалерите на Манчестер Јунајтед и Црвена Звезда минале незаборавна вечер во скадарлиските кафеани. Кога бил „отсвирен крај“, во „Мадера“ им се приклучиле и новинарите. Миро Радојичиќ седел на маса со господинот Крикмар. На таа маса се испило доста бело вино…

 

„Не се сеќавам како, се случи во ситните часови, но мистер Крикмар ми понуди, како нивни гостин, да ги испратам до Англија, со нивниот авион секако. Бев дописник од Островот и не чезнеев да одлетам таму уште еднаш, и тоа на кратко. Но, човекот е човек, секогаш има некои мали желби. Во тоа време од својот весник добив гарсоњера, прв пат во животот имав стан, во него кауч и две фотелји кои исто така ми ги купи мојата новинарска куќа. Сакав да го украсам со тепих, а во тоа време во Белград немаше. Ја прифатив понудата, знаејќи дека ќе се вратам дома со тепих. Се разделивме во најситните часови. Стигнав дома, се подготвив за пат и на кратко заспав, речиси во седечка положба. Будејќи се на време сфатив дека треба да облечам некое пополно сако, Англија е тоа. Стигнав навреме на аеродромот, но ете, во сакото кое го носев во Скадарлија ми остана пасошот. Потрчав дома, па побрзав назад кон аеродромот. Авионот во меѓувреме полета. Се насмевнав себеси и си отидов да спијам, тешејќи се, филозофски, дека во животот секое зло има свое добро“, пишуваше Миро подоцна во животот.

 

На простувањето, Френк Свифт, некогашниот голман на Јунајтед, а тогаш новинар на „News of the World“, му порачал во првата прилика да „скокне до Манчестер на виски и разговор за голмани“.

 

Таа ноќ во Скадарлија докторот Аца Обрадовиќ, еден од родоначелниците на европската Звезда, исто така зборуваше со господинот Крикмар. Со многу жар му објаснуваше дека Црвена Звезда наскоро ќе направи нов стадион, еден од најголемите во Европа, и дека би било одлично Јунајтед да дојде на отворањето. Волтер Крикмар му ветил дека ќе биде така…

 

„Се сеќавам, нашите гости беа воодушевени. Враќајќи се во хотелот, некаде околу три часот наутро, Мат Безби воодушевено ми кажа дека тоа за него била една од најубавите вечери во неговиот живот“.

 

Некаде пред утрото, добро загреаниот Бирн се обратил до Цокиќ. Јован Цокиќ, за разлика од првиот натпревар, бил стартер наместо Топлак…

 

„Ми пријде и преку преведувач ме замоли да му простам за еден груб фаул. Се насмеав и го прегрнав, а тој се уште во неверување дека му простувам, продолжи да се оправдува“.

 

Драгослав Шекуларац се спријателил со Томи Тејлор уште за време на натпреварот…

 

„Го испратив тоа утро до хотелската соба и тој ме повика на гости во Манчестер. Но, јас му предложив нешто друго. По светското првенство во Шведска да дојде кај мене, заедно да одиме на море, а потоа во Англија. И прифати“.

 

Земунски аеродром, 6. февруари, 11:15 часот. Половина од друштвото од Скадарлија се уште спиеше кога контролорот на летот даде официјално известување: „Специјалниот авион на компанијата БЕА, „Елизабетен“, полета успешно. Летот беше сосема нормален над воздушниот простор на белградската област“. Три часа подоцна од Германија пристигна одговор: „Авионот „Елизабетен“ слета на минхенскиот аеродром во 14:17. Не полета“.

 

 

Црногорскиот новинар и дипломат Бато Томашевиќ бил во тој авион. Во својата книга „Орлови остатоци“ детално ја опиша трагедијата која ќе следува:

 

Летот до Минхен во враќањето мина мирно, без вообичаени турбуленции и пропаѓања. Седев крај прозорот и по прв пат ги гледав со снег покриените, остри врвови на Алпите. Слетувањето на нашата летачка тврдина на аеродромот мина без потешкотии. Авионот лесно ја допре пистата и застана. Една од стјуардесите не извести дека во авионот сега ќе се точи гориво, а ние за тоа време можеме да одиме до зградата на аеродромот да се освежиме на сметка на компанијата. Десетина минути подоцна преку звучникот повторно се огласи стјуардесата, повикувајќи ги патниците назад во авионот. Сите седнавме на своите места. Погледнав низ прозорот. Паѓаше крупен снега насекаде околу. Следуваа два обиди за полетување, но безуспешно. Два пати се враќавме во заградата. Пред третото полетување звукот од моторот кој секогаш нагло расте со зголемувањето на брзината, одеднаш се намали како машините одеднаш да снемаа сила. Тогаш звукот на моторот се промени и ние почнавме да се рушиме. Тоа рушење, подоцна дознав, траело педесет и три секунди. Мене ми изгледаше како целиот живот од раѓањето до смртта. Авионот падна на покривот од една куќа, експлодираше. Мене експлозијата ме фрли заедно со седиштето 130 метри наназад. Кога удрив на земја на мене веќе немаше ни кондури, ни облека. Бев цел во крв, но жив, со повреден рбет, скршено колено, исечен по лицето и телото. Ладен февруарски самрак, лелекања на преживеаните, неподвижни тела на до пред малку веселите луѓе – страшна глетка. Крвта ме заслепуваше и гушеше, не можев да се помрднам. Пред мене лежеше искршеното тело на стјуардот Томи. Го препознав само по униформата. „Не го платив вискито“, се прекорив. Покрај мене претрчуваа фудбалерите. Панично го довикуваа Мат Безби. Тогаш дојде некој камион во кој не пикаа, и мртвите и ранетите заедно. Покрај мене беа Боби Чарлтон, Реј Вуд, Хари Грег и Денис Вајолет. Се распрашуваа за колегите, особено за Безби. „Никогаш повеќе во својот живот нема да влезам во авион, таман тоа да ме чини и за фудбалската кариера“, говореше инаку молчаливиот Боби Чарлтон“…

 

 

Глетката на минхенскиот аеродром била страшна. Колку снег, толку и крв. Безживотните тела едно преку друго. Тејлор, Вилан, Пег… На Џонс му биле отворени очите, но не давал знаци на живот, лежел преку Џеки Бланчфлауер. Можеби и го заштитил со своето тело, па овој се извлекол… Мат Безби остана во остатоците од авионот, бил присебен. Се жалел на болки во градите. Хари Грег израснал во херој. Тој таа вечер од пеколот на „Елизабетен“ извлекол неколку луѓе, меѓу нив Чарлтон, Вајолет, југословенската државјанка Вера Лукиќ, сопругата на југословенскиот дипломат и нејзиното бебе.

 

Вратете се назад, гадови“, урлал избезумениот Грег додека барал по остатоците од авионот трагајќи по своите другари. „Тука има дете кое е живо“.

 

Седум фудбалери на Манчестер не ја преживеаја несреќата. Капитенот Бирн тргна за Белград незнаејќи дека очекува дете со сопругата Џои. За два дена требало да го прослави својот 29-ти роденден. Џои кон крајот на годината роди момче. Џеф Бент (25) бил „алергичен“ на патувања со авион, Безби го натерал на тргне. Томи Тејлор (26) планирал венчавка со својата девојка. Последен пат и се јавил од Белград: „Драга, подготви ладно пиво, доаѓам“. Секогаш веселион Лиал Вилан бил голем верник. Зборуваа подоцна дека патувајќи кон „вечниот дом“ говорел дека е подготвен и дека воопшто не се грижи. На погребот во Даблин се собрале 20.000 луѓе. Марк Џонс (24) дома оставил млада жена и штотуку родена ќерка. Неговиот црн лабрадор Рик починал неколку месеци подоцна. Колмен и Пег се уште биле невини деца, едвај дваесетгодишници…

 

Сувото злато на Безбиевиот Манчестер, Данкан Едвардс, го издржал првиот удар. Тој меѓу второто и третото полетување и испратил телеграма на својата девојка Моли: „Сите летови се откажани. Доаѓам утре.“ Тие челични бели дробови, подготвени да издржат и по три натпревари на ден, одолеваа 15 дена во минхенската болница. Каков херој! На 21. година репрезентативец на Англија со завиден стаж и 151 натпревар во дресот на Јунајтед!? Моли прпистигнала во Минхен по два дена, го држела за рака, а тој ја замолил да го праша докторот какви се шансите во сабота да заигра против Вест Бромвич Албион.

 

 

Данкан од Дадли само смртта можеше да го фрли на колена. Почина во петок на 21. февруари. Моли на разделбата во солзи го тешела: „Не се грижи драги, мирно спиј, сите ваши натпревари се откажани“.

 

Мат Безби лежеш следните три месеци во соседната соба. Не смееле да му кажат дека останал без својот највреден бисер.

 

Комплетниот фудбалски свет, па така и Белград, биле во незапаметена жалост вечерта на тој 6. февруари 1958. година…

 

„Мене некаде во доцните попладневни часови, по бурната скадарлиска ноќ, ме разбуди телефонот“, се присетува понатаму во своите мемоари Мирослав Радојичиќ. „Од другата страна на слушалката беше мојот уредник Данило Пуриќ. И сега како да го слушам неговиот возбуден глас: „Миро, дојде под итно да напишеш In Memoriam! Во Минхен паднал авионот на Манчестер Јунајтед! Има многу загинати, тоа е се што засега знаеме. Додека се радував што поради заборавениот пасош останав жив, ми течеа солзи. Зошто да се срамам поради тоа? Сите тие деца по години, а веќе асови… Страдаше и мистер Крикмар со својата животна сопатничка. Меѓу нив и еден од најголемите голмани Френк Свифт. Така, пишував текст за луѓето со кои претходната ноќ, поточно тоа утро, се уште бев во Скадарлија и лумпував. Пишувајќи, на моменти и плачев. А колку само пати размислував каков е тој наш живот новинарски кога морате да пишувате и кога не ви се пишува, туку би сакале да се предадете на својата тага, како што тогаш се предаде овој град – дури толку, што изгледаше дека англиските фудбалери повеќе ги жалеа во Белград, отколку во Манчестер“.

 

Како што обично била традицијата, вестите најбрзо доаѓале во „Мадера“ и оттаму се ширеа понатаму. Рајко Митиќ и Аца Обрадовиќ ги донеле првите конкретни информации. За таа ноќ пишувал и Боби Јанковиќ во книгата „Што вели Мадера“.

 

„Страшно, страшно! Има многу мртви“, било првото нешто што се слушнало од нив двајца уште кога влегувале од вратата.

 

Во центарот на градот, околу девет часот вечерта, се собраа неколку илјади луѓе, на плоштадот Маркс и Енгелс и пред „Политика“. Од прозорот на заградата во еден момент пристигна известување: „Трпение, трпение луѓе! Печатот само што не тргнал“. Најтиражниот спортски весник во она време во Југославија, „Спорт“, за рекордни три часа издаде вонредно издание. На другиот крај на градот, на Топчидер, првиот човек на „Црвено-белите“ Душко Благојевиќ одржал прес-конференција. Излагањето завршило со реченицата која предизвика аплауз од сите присутни.

 

„Управата на Црвена Звезда упати молба до Европската фудбалска унија Манчестер Јунајтед да се прогласи за почесен победник во Купот на шампионите“.

 

 

Светот зборуваше за тоа што се случи, црнина ја опфати целата планета, но УЕФА веќе следниот ден ја отфрли таа можност.

 

На „Олд Трафорд“ меѓу првите пристигна телеграма за сочувство од претседателот на Југославија Јосип Броз Тито:

 

„Длабоко сум потресен од веста за авионската несреќа која тешко го погоди британскиот спорт и англискиот народ. Дозволете да ви изразам најдлабоко сочувство“.

 

Веднаш по Црвена Звезда, на Јунајтед поддршка му пружи и Реал Мадрид. И тоа конкретна. И поради тоа Реал е најголем, па нека се лути кој сака… Тогашниот претседател на „Кралевите“ Сантијаго Бернабеу бил подготвен на една година да се откаже од својата прва ѕвезда, во она време без конкуренција најдобриот светски играч Алфредо Ди Стефано и да му го позајми на Јунајтед додека да се консолидираат. Ди Стефано прифатил, договорот паднал, но ФА не дозволи реализација на тој трансфер под изговор дека Аргентинецот беспотребно ќе заземе место на некој од младите англиски фудбалери.

 

Мадриѓаните сепак на друг начин успеале да им помогнат на пријателите од Манчестер. Прифаќајќи го предлогот на Звезда, Реал продавал меморијални знаменца наречени „Почесни прваци“ и целиот приход го испраќале на „Олд Трафорд“, а попат организирал неколку хуманитарни натпревари меѓу двата клуба од кои добивката исто така одела во Манчестер. И уште, „Кралскиот клуб“ на семејствата на загинатите и повредените три години им плаќал опоравка и рехабилитација во Шпанија.

 

Погребот на загинатите во авионската несреќа во Минхен е одржана на 22. февруари“. Делегацијата на Југославија ја претставувале генералниот секретар на Фудбалскиот сојуз на Југославија Милорад Лишанин, членот на управниот одбор доктор Михајло Андреевиќ, претседателот на Звезда Благојевиќ и секретарот Слободан Ќосиќ. Од Белград до Манчестер патувале четири дена, бидејќи, за секој случај, оделе со воз.

 

На педесет годишнината од несреќата на „Безбиевите бебиња“ Звезда на „Олд Трафорд“ ја претставуваше актерот на двата дуели од 1958, Владица Поповиќ. Пред почетокот од натпреварот во Премиер лигата помеѓу Јунајтед и Болтон во 2008. година на центарот положи букет со црвено-бели ружи.

 

„Го добив најголемиот аплауз во животот. Срцето од возбуда ми затрепери. Во тој момент низ главата ми минаа деталите од двата меча. Бев задолжен да го чувам Чарлтон – не успеав. Даде три гола. Каков играч беше…“, зборуваше Поповиќ своевремено за „Политика“.

 

Некаде тие денови во белградските весници се огласи и штипјанецот Драгослав Шекуларац…

 

„Да ја погодев стопроцентната шанса при крајот на натпреварот ќе се играше мајсторка. Тие немаше да се вратат дома тој ден и… Ех, Шеки, што не беше подобар голгетер, па сите тие момци ќе беа живи, често си велам себе си“.

 

Првиот натпревар по трагедијата во Минхен Јунајтед го одигра на 19. февруари во ФА Купот. Совладан беше Шефилд Венздеј со 3:0. Од белградскиот состав играше само Били Фоулкс. Во првиот првенствен меч ВБА славеше на „Олд Трафорд“ со 4:0. Таа сезона Манчестер заврши деветти на табелата. Во полуфиналето од Купот на шампионите беше исфрлен од Милан. Точно десет години подоцна некои нови момци во црвени дресови ќе ја победат страшната Бенфика во борбата за европскиот трон, по продолженија – 4:1. Тоа беше на „Вембли“. Мат Безби прв и последен пат во животот беше избезумен кога судијата отсвири крај, трчаше по теренот, ги туркаше луѓето… и така се додека не го пронајде Боби Чарлтон. Од гужвата по некое чудо исплива и Фоулкс. Глава во глава, силна прегратка, по една солза на тревата на тој фудбалски храм и…

 

„Момци, ова е за Минхен“…

 

 

Извор: Спортклуб

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи