ВИДЕО : „Витаминка“ со нови инвестиции од околу 2 милиони евра

„Витаминка“ моментално инвестира во екстра модерен логистички центар на површина од 3.000 м2 и висина од 11 метри. Истиот ќе има капацитет од преку 4.000 палетни места, распоредени во три разлиични зони. Логистичкиот центар ќе располага со 6 рампи за товарење и посебни врати за прием на готовиот производ. Во него ќе биде имплементиран најсовремен софтвер и ќе се користат најмодерни софистицирани виљушкари. Со оваа инвестиција која треба да изнесува околу 2 милиони евра „Витаминка“ планира да ги надмине проблемите со испорака кон купувачите во наредните 20 години.

 

 

„Моментално во фаза се две инвестиции во „Витаминка“. Првата е во Фабрика број 1, градиме нов фабрички ресторан за нашите вработени и проширување на канцелариите за да ја подобриме работата на маркетинг секторот и развојниот сектор. И втората инвестиција е во Фабрика број 2 каде се гради нов магацин за готов производ на површина од 3.000 м2, со 4.000 палетни места, најсовремено складиште, со три различни складишта во него. Зона со контролирана температура, Зона со гравитационии сталажи ( по FIFO стандардите ) и Зона со стандардни сталажи. Во склоп на оваа инвестиција планираме да поставиме и фотоволтаци на магацинот за да произведуваме струја за нашите потреби, за тој објект“, изјави Сашо Наумоски, генерален директор на „Витаминка“.

 

Наумоски истакна дека по тешката 2017 година за економијата во Македонија сега бизнис секторот очекувал 2018 да биде добра година за економијата.

 

 

„Очекуваме економијата да се раздвижи, да има повеќе странски инвестции за да Македонија го почувствува тој благодет од странските инвестиции и очекуваме успешна година како за „Витаминка“ така и за државата. „Витаминка“ постои 61 година, а годинава ќе одбележиме 40 години од брендот „Стоби Флипс“. И навистина се гордееме со тој бренд. И понатаму ќе продолжиме да го градиме тој бренд не само во Македонија туку и во странство“, додаде Наумоски.

 

Инаку денеска „Витаминка“ ја посети и градоначалниот на Општина Прилеп, Илија Јованоски заедно со претседателот на Советот, Миле Талевски, кои се запознаа со оваа најнова инвестиција во Прилеп. Наумоски се заблагодари до градоначалникот и претседателот на Советот на Општина Прилеп што „Витаминка“ е прва компанија која се посетува од нивна страна во Прилеп.

 

„Витаминка секогаш ќе има добра соработка со локалната самоуправа, постојано ќе работиме според законските прописи на Македонија и постојано ќе ги поддржуваме сите културни и спортски манифестации во градот“, истакна Наумоски.

 

 

Градоначалникот Јованоски истакна дека локалната самоуправа започнала со посета на компаниите во Општина Прилеп за да се запознаат со нивната работа.

 

„Денес ги разгледавме капацитетите на „Витаминка“ Прилеп и не случајно таа е првата компанија која ја посетуваме, затоа што таа е лидер во прехрамбената индустрија не само во регионов туку и пошироко. Морам да кажам дека сум воодушен од она што го имаат и поседуваат. Секој производ е бренд на „Витаминка“, но тука морам да го истакнам Стоби Флипсот кој ја воздигна оваа фирма и сакам да кажам дека тој е за сите генерации, за секоја пригода и за секој дел од денот. Витаминка има огромна општествена одговорност, ги помага сите спортски клубови во нашиот град и културни манифестации и мислам дека се сите задоволни од тоа што го дава оваа компанија“, изјави Јованоски.

 

Јованоски потенцираше дека и во иднина „Витаминка“ може да смета на несебичната поддршка на Општина Прилеп за сите нивни идни развојни планови и цели.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien