ВИДЕО – Протестен собир во Прилеп : Мораме да ја одбраниме Македонија бидејќи е загрозен нејзиниот опстанок

Во организација на МПЗ „Пере Тошев“ од Прилеп, вечерва во градот под Марковите Кули, на плоштадот „Александрија,“ се одржа протестен собир, за како што велат организаторите одбрана на националните интереси на Македонија и нејзиниот опстанок. Пред прилепчани се обратија претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров, професорката Виолета Ачкоска, аналитичарот Сотир Костов и Горан Стојаноски од МПЗ „Пере Тошев“.

 

 

Според професорката Ачкоска во моментов македонскиот народ доколку било потребно требало да го направи и вториот АСНОМ во кој повторно ќе си ја врати државотворноста и ќе ги елиминира сите штетни договори кои биле направени со што се срушил суверенитетот и единството на Македонија.

 

„Главната порака која вечерва ќе биде упатена до граѓаните е дека единствена партија, религија и мајка за сите нас е Македонија. Треба конечно да се обединиме, без разлика на партии, идеологиии, леви и десни за да си ја одбраниме Татковината бидејќи е загрозена во нејзиното опстојување, ќе останеме без држава, затоа треба обединети, силни со голема љубов да ја браниме Македонија. Секако бараме слобода за нашите уставобранители и Јане Ченто. Во моментов Македонскиот народ е исплашен обесхрабрен треба повторно да си погледне во срцето, да си најде љубов, да си собере храброст, да излеземе масовно на улици“, истакна професорката Виолета Ачковска.

 

Според аналитичарот Сотир Костов Македонија за жал во моментов се наоѓала во состојба на распаѓање, затоа во Прилеп се одржувал овој совир за да се покаже дека духот „За Заедничка Македонија“ живее и сеуште ќе живеел.

 

„Луѓето кои ја издадоа Македонија сега владеат со неа, тоа е една власт наметната од страна бидејќи луѓето кои победија сега илии се во опозиција или се во затворите. Ние сме само тие кои го одржуваат духот за заедничка Македонија. А кога ќе гии ослободиме Јане Ченто и сите останати притворени тие ќе бидат македонските трибуни кои повторно ќе не кренат за заедничка Македонија, за да си ја вратиме слободата, да си ја вратиме правдата и да го вратиме достоинството на Македонецот. Македонскиот народ сам ќе си избере лидер. Ние 77 дена имавме народни трибуни. Дотогаш и не ги познававме многу, ги знаевме како актери, оперски пејачи, блогери и итн. Тие покренаа маса од 250 до 300.000 народ. Затоа и ги затворија за да не разединат, но затоа дојдовме во Прилеп за да кажеме дека духот за Заедничка Македонија живее и сеуште ќе живее“, истакна Сотир Костов.

 

 

Претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров, изјави дека доколку Владата не ги прекине сите штетни договори за Македонија, тие ќе барале самораспуштање на Собранието и организирање на предвремени парламентарни избори.

 

„Македонците се пирејот, Македонците, тие се фениксот и затоа мислам дека ќе ја пребродиме и оваа криза и ќе го победиме велепредавството. Од слободарски Прилеп упатуваме пораки за семакедонско обединување во одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата. Бараме крај на разговорите за името на државата, бараме повлекување на законот за јазиците, го отфрламе договорот Заев-Борисов и бараме ослободување на сите притворени и затворени во врска со настаните од 27 април. Доколку Владата не ги прифати овие барања бараме самораспуштање на Собранието и распишување на вонредни парламентарни избори“, истакна Тодор Петров.

 

Организаторите МПЗ „Пере Тошев“ истакнаа дека Макеоднија не смее да биде оставена на цедило од сопствениот народ

 

„Нашата партија е Македонија и не смее да биде оставена на цедило. Кој како сака нека не разбере, но ние остануваме на браникот и одиме понатаму“, рече Горан Стојаноски од МПЗ „Пере Тошев“.

 

Организаторите истакнаа дека се надеваат овие мирни протести да продолжат и во други градови затоа што Прилеп отсекогаш бил иницијалната каписла за одбрана на унитарноста и државноста на Македонија.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien