ВИДЕО – Прилеп е подготвен за 17-тото издание на меѓународниот карневал Прочка 2018

Повеќе од 1.000 учесници, од земјава и странство, ќе бидат дел од годинешниот спектакл меѓународниот карневал Прочка 2018. Во официјалниот натпреварувачки дел ќе учествуваат групи од градови и општини кои што ги негуваат овие карневалски традиции како што се Будва, Бања Ковиљача, Врњачка Бања, Лесковац, Белград, Шабац, Бела Црква, Корча, Перник, Мокриево, Куратица, Бегниште, Кавадарци, Ратево, Струмица, Радовиш и други.

 

 

„Увертира на карневалот ќе биде изложбата на маски која што ја изработуваат ученците од основните училишта. Во ЦК „Марко Цепенков“ на 16 февруари во петок, во 12 часот, ќе биде отворена поставката со маски. Во саботата на 17 февруари учениците до 14 години ќе учествуваат во детскиот карневал што ќе се одржи на плоштадот во центарот на градот. Во подготовките на овој карневал учествуваат сите основни училиишта од Прилеп со своите групни маски.Во недела на 18 февруари ќе се одржи Меѓународниот карневал Прочка 2018 со почеток во 13 часот исто така во центарот на градот. Учесниците ќе имаат настап пред бројната публика, но и пред жири комисијата која што ќе ги избере најдобрите учесници по категории. Најдобрите ќе добијат парични награди ии дипломи кои што ќе ги додели здружението „Прилепски мечкари“. Делегација од европската асоцијација на карневалски градови, во присуство на претседателот Ван Дер Крон ќе го следи официјалниот дел на карневалот. На овој карневал ќе присуствуваат и повеќе екипи од овие карневалски градови. За сите официјални гости, карневалската забава под маски ќе продолжи вечерта во 21 часот во хотеч Липа“,  истакна Илија Јованоски, градоначалник на Општина Прилеп.

 

 

Според претседателот на здружението Прилепски мечкари, Ванчо Георгиевски, оваа година се очекувало организацијата на фестивалот на биде на високо ниво и да се прикажат голем број на маски. Истакна дека една маска која се изработувала во Прилеп за прв пат ќе била поставена на овие простори, но не сакаше да открие за што станува збор.

 

„Се надеваме дека оваа година ако имаме среќа ќе прикажеме многу убави работи. Нашите Прилепски мечки се солидаризираа, бидејќи имаме една програма за прием во УНЕСКО, мечкарите се едно наследство на Прилеп со кое сите ние се гордееме, а исто паралелно со нашите Прилепски мечкари работат уште неколку групи кои наназад 16 години подготвуваат современи маски од работата и животот на Прилеп и прилепско. Годинава за прв пат ќе се претстави една маска која ќе ја прикажува една позната македонска изрека, но јас таа маска ќе ја чувам во тајност, нема да ја откријам, сите кои сакаат да го видат мајтапот во Прилеп да дојдат на карневалот. Тоа е навистина една маска која за прв пат се прикажува на овие простори. Овие неколку денови се празник не само на Прилеп туку и на државата. Прилепскиот карневал има една работа која многу ретко ја имаат другите карневали во Европа, а тоа е дека ние сме единствен карневал каде има современи и стари маски кои ги негуваат нашите традиции“, рече Георгиевски.

 

Георгиевски истакна дека благодарение на советникот за култура во Општина Прилеп подолг период се работи проект за влез во УНЕСКО на нашите Прилепски мечкари и се надева дека за неколку години конечно као град ќе го добиеме тој меѓународен сертификат.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien