Шок во Франција: судот расправа дали 11-годишно дете може доброволно да прифати секс

Може ли 11-годишно дете доброволно да прифати сексуален однос со 28-годишен маж ? Ова прашање ќе биде во средиштето на судскиот процес што денес започнува во Понтоаз, предградие во Париз, додека нацрт-закон што е во подготовка, предвидува дефинирање на минимална возраст за свесна согласност.

 

Аферата ја шокираше Франција и предизвика жолчни дебати. Минатата година, на 24 април, 11-годишно девојче отишло во станот на 28-годишен маж, каде имале сексуален однос. Нејзините родители поднеле тужба за силување, наведувајќи дека девојчето било преплашено и шокирано од настанот.

 

Но, обвинителството смета дека не се работи за силување затоа што односот бил доброволен, и не бил извршен никаков физички притисок врз малолетничката, која заминала во станот на мажот по сопствена волја.

Оценувајќи дека немало „насилство, принуда, ниту изненадување“, обвинителството одлучило кривично да го гони сторителот – татко на две деца, за противзаконски сексуален однос со дете“ кој е дефиниран како „сексуален напад врз малолетничка помлада од 15 години“. Предвидената казна за ова дело е пет години затвор.

 

Меѓутоа, судската постапка би можела да се врати на почеток, затоа што родителите на девојчето инсистираат мажот кривично да се гони за силување, за што е предвидена казна затвор од 20 години, а не за сексуален однос без принуда, за што максималната казна е само пет години.

 

Есента мината година се случија уште две други афери: ослободување на 30-годишен маж обвинет за силување на 11-годишно девојче, како и пресуда на 18-месечен затвор за професор кој бил во врска со својата 14-годишна ученичка.

 

Тогаш владата одлучила во законот да дефинира минимална возраст на свесна согласност за сексуален чин. Емануел Макрон смета дека истата би требало да изнесува 15 години. Нацрт-законот против сексистичко и сексуално насилство каде би требало да се дефинира тој праг на возраст, се очекува да  биде поставен на седница на Советот на министри, што е закажана за 7 март. Дотогаш, министерството за правосудство побара „мултидисциплинарна мисија“ да даде свои мислења и сугестии, во корист на претстоечката расправа. Групата експерти, меѓу кои има и правници и лекари, треба да го достави своето мислење до 1 март.

 

Адвокатката на девојчето и нејзините родители, Карин Дибо, смета дека „прашањето дали 11-годишното девојче се согласило или не, воопшто не треба да се отвора.“

 

Дури и ако девојчето се препуштило, тоа било заради состојбата на шок во која се наоѓало, смета таа, додавајќи дека во овој настан се присутни сите уставни елементи кои дефинираат силување: сексуална пенетрација, „морална принуда“ (која произлегува од големата разлика во возраста), изненадување, насилство и закана.

 

Одбраната на обвинетиот истакнува дека наводната жртва „изгледала повозрасно од својата врст, па нивниот клиент сметал дека има 17 години“. Тие исто така тврдат дека „таа лаже за сè и воопшто не е наивна“.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien