Велика Британија и САД ја обвинија Русија за компјутерскиот вирус „НотПетја“

Соединетите Американски Држави ја обвинија Русија за ланскиот кибернетички напад наречен „НотПетја“ („NotPetya”), кој во јуни ги оштети компјутерите на владата и на водечките фирми во Украина пред да се прошири низ други делови од светот. Предизвиканата штета од хакерите е проценета на над 1,2 милијарди долари.

 

Соопштението на Белата куќа се повикува на заклучокот од многу експерти за безбедност во виртуелниот простор од приватниот сектор.

 

„Нападот во 2017 година се прошири низ делови од светот предизвикувајќи штета од милијарди долари во Европа, Азија и двете Америки. Ова беше дел од актуелните напори на Кремљ за дестабилизација на Украина и јасно се гледа руското соучество во сегашниот спор“, изјави портпаролот на Белата куќа, Сара Сандерс.

 

Претходно и британското Министерство за одбрана ја лоцираше одговорноста за нападите со компјутерскиот вирус „НотПетја“ кај Русија. Ресорниот шеф Гавин Вилијамсон изјави дека станува збор за нова ера во водењето војна, за што земјата мора соодветно да се подготви.

 

И австралиската влада го осуди однесувањето на Москва, „кое носи високи ризици за светската економија, владините служби, стопанството и безбедноста и благосостојбата на поединците“. Австралија најави јакнење на меѓународните партнерства заради спречување на „злонамерните злоупотреби“ во сајбер-просторот.

 

Претседателскиот кабинет во Москва веднаш реагираше и категорично ги отфрли обвинувањата од Лондон и од Вашингтон, тврдејќи дека тие се само дел од кампањата на западните држави против Русија. Западот очигледно има намера да врши „демонизација на Русија“, се вели од Москва.

 

Во меѓувреме, демократите во американскиот Конгрес поднесоа предлог- закон со кој се предвидува сума повисока од милијарда долари за подобрување на кибернетичката заштита на американскиот изборен систем.

 

Специјалните служби претходно најавија дека е голема веројатноста Русија повторно да се вмеша. По изборите во 2016-та година, на кои беше избран републиканецот Доналд Трамп, конгресмените поднесоа неколку закони за подобрување на безбедноста на изборниот систем кои не беа прифатени.

 

Компјутерскиот вирус „НотПетја“ лани прво се појави во Украина, а потоа се рашири преку мрежата на претпријатија во Европа, како и во Русија. Жртви на вирусот меѓу другите беа фармацевтскиот гигант Мерк, данската бродска компанија А.П. Молер-Маерск и логистичката компанија ТНТ.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien