ВИДЕО – Вработените во „Еурокомпозит“ денеска протестираа пред Општина Прилеп

Со години ги слушаме истите ветувања дека има инвеститор, дека ќе се продава „Еурокомпозиут“ и слично, но досега никој не се јавил за тоа, ниту пак се реши нашиот проблем, затоа сега ќе продолжиме со штрајкот се до конечно решение на нашиот проблем. Ова денеска го истакнаа вработените во „Еурокомпозит“ кои протестираа пред Општина Прилеп. Тие беа и примени од страна на градоначалникот Јованоски, кој повторно, како и пред 4 месеци им вети дека ќе се заложи за брзо решавање на проблемот.

 

 

Од синдикатот најавија дека доколку не добијат 2 плати веднаш нема да го прифатат предлогот на вицепремиерот Анѓушев да продолжат со работа, а нивниот проблем да се реши во рок од 6 месеци.

 

„Ние како што најавивме продолжуваме со нашите штрајкови и протести. По средбата со Анѓушев дел од предлозите ги прифаќаме, а дел не. Токму поради тоа и го продолживме штрајкот и протестот низ улиците во Прилеп. Иако градоначалникот нас не ни е надлежен за нашава ситуација сепак ни излезе во пресрет и не прими. Како што кажа и тој се договоривме за неколку работи. Ние го прифаќаме предлогот на вицепремиерот Анѓушев да се решава нашиот проблем во рок од 6 месеци, но под итно да ни се исплатат 2 плати за да започнеме да работиме. Ние ова како барање го имаме доставено до вицепремиерот Анѓушев и премиерот Зоран Заев, но се надеваме сега дека градоначалникот ќе ја поттурни работата за да се реши проблемот. Засега продолжуваме со протестите. Денеска случајно протестиравме пред Општина иако локалната самоуправа не е должна за нашава фабрика да решава проблеми. Ние се до решавање на проблемот продолжуваме со протести на улица, а доколку не се реши проблемот ќе одиме и до Скопје пред Влада“, истакна Роберт Богданоски, претседател на синдикална организација.

 

Градоначалникот Јованоски рече дека повторно како и пред 4 месеци ќе ги информирал вицепремиерот Анѓушев и премиерот Заев.

 

„На мое барање ги примив претставниците на синдикатот на „Еурокомпозит“ за да ги слушнам нивните барања и зошто протестираат пред Општина ? Пред 4 месеци исто така со нив разговаравме на оваа тема, тогаш имаа барање да добијат одредени средства од Владата за кои што кажаа дека ќе бидат употребени за репроматеријали за да може фабриката да работи. Владата ги обезбеди тие средства, околу 16 милиони денари, но правилно не биле распределени тие средства, дел биле за плата, а дел не знаат зошто се употребени и вработените сметаат дека се злоупотребени. На денешниот состанок се договоривме и му ветив дека ќе ги информирам сите надлежни институции во Македонија, пред се Министерството за економија кое е надлежно за ова. Исто така ќе го информирам и вицепремиерот Анѓушев, а исто така и премиерот Заев. Мислам дека мора да се најде решение еднаш засекогаш, тоа премиерот Заев им го вети и мислам дека ќе го исполни и се надевам дека вработените ќе бидат задоволни“, истакна Јованоски.

 

Вработените во „Еурокомпозит“ немаат земено 16 плати и платени придонеси од 2012 година. Тие потенцираа дека и утре ќе ги блокираат улиците во Прилеп.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи