Лашкоски : Со натпреварот во сабота ќе ја потсетиме публиката каков ракомет имаше во Македонија и каде треба да се движиме во иднина

Во сабота со почеток во 19 часот во спортската сала на СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ ќе се одржи ракометен натпревар на ветерани каде ќе присуствуваат голем дел на прилепски и македонски ракометни легенди. Повеќе на ова тема и што се ќе може да види публиката поразговаравме со Рубин Лашкоски, претседател на здружението „Млади ракометни ветарани – Прилеп“, кои се организатори на оваа манифестација. Целта на натпреварот била да се покаже каков ракомет порано имаше во Македонија, кога публиката ги полнеше спортските сали, и во која насока треба да се движи овој спорт за да се врати на старите патеки.

 

 

Каков ракометен натпревар ќе се организира во сабота во Прилеп ?

 

Во сабота со почеток во 19 часот во спортската сала на СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ ќе се одржи ракометен натпревар на ветерани помеѓу новоформираното здружение „Млади ракометни ветарани – Прилеп“ и ветераните кои учествуваа во македонската ракометна репрезентација. Од ветераните ќе бидат присутни Пепи Манасков, Стефче Стефановски, Среќко Ѓорѓиески, Златко Димитроски, се најавија исто така Пандев од Струмица, Кимевски, Зарков, очекуваме и уште многу други.

 

Секоја чест на огромниот број на ветерани кои Прилеп ги има во областа на ракометот, не сакаме никого да потцениме, но ние сме млади ракометни ветарани кои можат да играат на такви турнири. Ова не е никакво омаловажување на другите ветерани од Прилеп, туку едноставно ова се функционални ветерани кои играле во Тутунски Комбинат и сега формиравме една екипа со која може да шириме познанства и надвор од Македонија.

 

Каков карактер ќе има натпреварот, дали тоа ќе биде некој вид на хуманитарен натпревар  ?

 

Не, овој натпревар е чисто само колку да се потсетиме на рекометните ѕвезди од Македонија и од Прилеп. Натпреварот нема хуманитарен карактер, а влезот ќе биде бесплатен. Може да присуствува секој кој сака и да го види тоа што го имаше во спортските сали пред повеќе години. Ќе се игра 2 пати по 20 минути, значи целиот настан ќе трае околу еден час. Со овој натпревар сакаме да покажеме дека и ние би помогнале на секој можен начин на Општината да го вратиме ракометот на старите патеки, кога салите беа преполни и имаше одличен ракомет.

 

 

 

Каква е сега состојбата со ракометот според вас не само во Прилеп туку и во Македонија ?

 

Состојбата е катастрофална. Не може само Вардар и Металург да ја составуваат целата наша репрезентација и да се име за ракометот во нашата држава. Недостасуваат тие државни, бесплатни школи, каде децата нема да плаќаат ништо и ќе се стремат што е можно подобро да играат. Еве јас кога бев мал и кога играв бевме 500 деца, кадети, пионери, младинци и после тоа ја имавме првата екипа кон која сите се стремевме. Имавме  идоли, за мене идоли беа Миле Нешкоски, Орде Илески, Шогоски имав идоли пред мене, сакав да бидам како нив и се стремев кон тоа. Сега нема први екипи во ниту еден град во Македонија каде децата би се стремеле на ваков начин. Точно е дека имаат некои школи и Вардар и Металург, но тие школи немаат капацитет за сите деца пример од Прилеп. Без прва екипа во сите градови никогаш нема да има напредок. Младинците кои тренираат во приватните школи се до 7 – 8 одделение, после тоа се растураат. Тоа е само обичен бизнис, нема ракомет тука.

 

Кој би требало според вас да помогне околу ова, државата, општината, бизнис секторот ?

 

Основата ја има, има доделена извесна поддршка од Општината, не дека е многу, но пак ќе повторам ја има основата. После тоа треба да има дополнителен прилив на пари, а тоа е секако приватниот сектор. Зошто приватниот сектор не гледа во ова профит, е тоа е веќе прашање на повисоко ниво. Зошто се молиме и не добиваме пари за спортот стварно не ми е јасно. Без тој приватен сектор спортот не може да функционира. Се знае колку е потребно за да функционира една екипа. Лани РК Прилеп го имаа тој буџет, зошто не успеаја незнам. Зошто ги испуштија играчите, зошто отпаднаа од лига и зошто сега не се превзема ништо за да тој клуб оди понатаму стварно не е во мој домен да одговорам на ова.

 

 

Кои наредни активности ве очекуваат како здружение „Млади ракометни ветарани – Прилеп“ ?

 

Па овој натпревар во сабота ќе ни биде еден вид на подготовка пред претстојниот турнир на ветерани кој ќе се одржи на 15 март во Нови Сад. Претежно нашето присуство таму и на македонската ракометна репрезентација на ветерани е во чест на Тоше Проески. Лани во октомври имавме еден таков турнир на ветерани во Дојран во чест на Тоше Проески, а годинава тој турнир треба неофицијално да биде во Охрид, исто во чест на Тоше Проески. Во Нови Сад ќе има 10 машки и 10 женски екипи на ракометни ветерани од поранешните ЈУ простори. Се игра во повеќе сали, манифестацијата е навистина перфектно организирана и каде пред се како спонзор се јавува Општината. Ние таму одиме како гости и се сами си плаќаме, вклучувајќи и 200 евра за котизација. Ние сме младо здружение, ова се нови искуства за нас и се надеваме дека во иднина со поддршка на локалната самоуправа дека и ние би можеле да докажеме дека сме град кој е горд на Тоше Проески и се надеваме дека во наредните години ќе направиме една стабилна екипа, за да потоа и ние организираме еден ваков турнир тука кај нас во Прилеп.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien