Почна менувањето на сообраќајните табли

Почна менувањето на сообраќајните табли на кои стоеше „Александар Македонски“ како што доскоро беше името на автопатот А1 што ги поврзува Македонија и Грција.

 

Работниците на агенцијата за државни патишта ги симнуваат таблите, вкупно 19, кои наскоро ќе ги заменат со натпис „Пријателство“, името кое со владина одлука од пред речиси 1 месец го носи овој автопат. „Пријателство“, како што информираат од агенцијата, ќе биде испишан на 3 јазици, македонски, англиски и француски.

 

Паралелно ќе се менуваат и 6-те патокази за меѓународниот аеродором во Скопје кој исто како и автопатот до неодамна се викаше „Александар Велики“.

 

Процесот на замена на 19-те табли со името на автопатот и 6-те на аеродромот ќе чини околу 80.000 евра.

 

Отстранувањето на „Александар Македонски“ од имињата на аеродромот и автопатот е дел од мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција кои се во ек на разговори за прашањето за името. На средбата Заев-Ципрас во Давос, македонскиот премиер, во знак на добра волја, најави менување на имињата кои Атина ги сметаше за провокација, додека шефот на грчката влада за возврат се согласи на Македонија да и` се овозможи да напредува во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien