ВИДЕО – Во Прилеп одбележани 100 години од раѓањето на народниот херој Кире Гаврилоски-Јане

Чествување по повод 100 годишнината од раѓањето на народниот херој Кире Гаврилоски-Јане започна со положување на свежо цвеќе на неговата биста на Могилата на Непобедените и пред спомен плочата која се наоѓа на местото од куќата во населбата „Ѓогдере“ каде Кире Гаврилоски – Јане загинал на 9 мај 1944 година. Гаврилоски заедно во народниот херој Круме Волнароски биле опколени од бугарскиот фашистички окупатор и за да не паднат во нивните раце тие се самоубиваат, а бугарите потоа ја запалиле куќата.

 

Гаврилоски целиот свој живот го посветил на слободата и ослободувањето на Република Македонија. Уште од млади години тој е активист во разни организации и кај него се раѓа таа младешка бунтовна активност, со цел ослободување на Македонија од бугарскиот фашистички окупатор.

 

 

Целокупниот свој ангажман го прави како во Прилеп, така и во западниот дел на РМ, формирајќи разни комитети, одбори итн., со кои што го јакнел партизанското движење и активностите на комунистичката партија.

 

 

„Тие два-три дена, од 7 до 9 мај борците се наоѓаат се најдуваат во Ѓогдере, во неколку куќи и се преселуваат од куќа во куќа, со цел да ги подготват делегатите што треба да заминат во кумановско, односно во манастирот Прохор Пчински, каде што за неколку месеци треба да се одржи првото заседание на АСНОМ. Тие биле раководители на месниот комитет и на околискиот комитет на Прилеп и со цел да ги предадат полномошните докумети и да ги подготват за сè она што ќе се случува на првото заседание. Имало неколку делегати со кои ноќта помеѓу осми и деветти се најдуваат во куќата на Киро Насков Георгиевски и ги насочуваат како да се однесуваат во понатамошните активности. Конкретно за предавството е осомничена една личност од комшиите, Звездоска, која што имала непосредни контакти со некои од бугарските офицери и во едни такви услови таа ги предава,  меѓутоа и покрај тоа што еден до два саати пред непријателот да ја опколи куќата, ја имале информацијата Круме и Кире, нејасно е зошто веднаш не бегаат. Веројатно сметаат дека има време, или пак се уште имале некои незавршени работи во самата куќа. При знаење дека ќе бидат опколени и при знаење дека ќе бидат во една таква положба, сепак не се дале во бегство и не се предале, напротив се оддале на борба, низ еден пекол, низ еден оган и го дале својот живот за слободата, а притоа и во тие последни моменти извикувале пароли за слободата, за нацијата, за татковината. Во последниот момент од својот живот, дури и од внатре Кире им држи и еден краток говор на окупаторите“, истакна Рубин Белчески, историчар.

 

 

 

 

Почит оддаде и градоначалникот на Прилеп кој изјави дека Гаврилоски покажал како со дела се сака и како треба да се брани Татковината.

 

„Кире Гаврилоски-Јане е еден од десетте загинати народни херои од Прилеп, кој со својата смрт покажа и докажа како треба да се сака татковината, како треба да се брани татковината и остави аманет на младите идни генерации како треба да се почитува општеството и својата држава. Аманетот му го испраќам и јас на младите генерации, а тоа тие го потврдуваат со своите знаења, со учењето, што ние како локална самоуправа и јас како градоначалник го поддржувам на секое ниво, со секој можен начин и на секое место“, рече градоначалникот Илија Јованоски.

 

Чествувањето на 100 години од раѓањето  на Кире Гаврилоски – Јане продолжи во училиштето, кадешто на најдобрите ученици им беа доделени  пофалници, а Благојче Павлески е одбран за најдобар ученик во ОУ „Кире Гаврилоски – Јане“. Нему градоначалникот  Илија Јованоски  му додели ваучер од 10.000 денари и диплома за постигнатите успеси во досегашното образование и промоција на училиштето и градот на државните натпревари.

 

 

„Пред сè сакам да се заблагодарам за наградата, јас како натпреварувач по физика, информатика и математика сакам да им се заблагодарам на Општина Прилеп и државните институции кои што ги организираат овие натпревари и на наставниците што ме подготвуваат за нив. Чувството е прекрасно, а за понатаму сакам да продолжам со учење во ‘ИТ’ делот, а сакам да студирам на некој од познатите универзитети“, рече Благојче Павлески.

 

Вечерва по повод 100 години од раѓањето на Кире Гаврилоски – Јане во просториите на градската библиотека „Борка Талески“ ќе се одржи „Вечер посветена на херојот.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien