Путин се пофали дека има непобедливо оружје

Facebook
Twitter
Email
Print

Рускиот претседател Владимир Путин во годишното обраќање пред парламентот соопшти дека Русија развива нова интерконтинентална балистичка ракета, која ќе има дострел до која било точка во светот и ќе може да ја пробие секоја противракетна одбрана.

 

„Оваа ракета со нуклеарно полнење лета ниско и тешко може да се забележи. Практички имаа неограничен домет и непредвидлива патека на летање, при што може да ги заобиколи линиите на пресретнување и е незапирлива за сите сегашни и идни противвоздушни и противракетни системи“, откри Путин.

 

Тој изрази уверување дека покажувањето на способностите на руските вооружени сили кој било „агресор ќе го спушти на земја“. Путин наведе дека непријателските чекори против Русија, како што е распоредување на противракетниот систем со кој НАТО се приближува до руските граници, станува неефикасен од воена перспектива и неразумно скап од финансиска гледна точка.

 

Но, и покрај тоа што Русија развива нови нуклеарни оружја, Путин истакна дека не планира да нападне ниту една земја.

 

„Растечката воена моќ на Русија не заплашува никого, ниту сме имале ниту имаме планови за употреба на таквиот потенцијал за напаѓачите, а ниту за агресивни цели“, истакна Путин, додавајќи оти ако земјата биде нуклеарно нападната, ќе возврати на нападот.

 

Рускиот претседател во своето обраќање истакна и дека треба да се зајакнат демократските институции во земјата.

 

„За да се движиме напред, динамично да се развиваме, ние треба да го прошириме просторот на слобода во сите сфери, да ги зајакнеме демократските институции, локалната самоуправа, структурите на цивилното општество, судскиот систем, за да бидеме земја отворена кон светот, со нови идеи и иницијативи“, потенцира Путин.

 

Говорот на Путин за состојбата на нацијата беше преполн со економски ветувања кон рускиот народ и со „ѕвечкање со сабји“ кон САД во презентацијата што се смета за негов главен говор за руските избори закажани за 18 март, вели Гардијан. Се очекува тој да го освои четвртиот мандат како претседател.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи