Грчкиот Парламент усвои Закон за медицински канабис

Со поддршка од владината коалиција и левоцентристичките партии Река и Демократска коалиција, грчкиот Парламент со големо мнозинство го усвои Законот за производство на медицински канабис.
Против Законот гласаа пратениците на Нова демократија, Комунистичката партија, Златна зора и Сојузот на центристите.
Опозициската Нова демократија соопшти дека не се сомневаат во тоа дека е корисна употребата на медицинскиот канабис, но смета дека во Законот на Владата недостигаат гаранции, а резултат на тоа би било неконтролирано производство, ширење и одгледување на канабисот.
Министерот за здравство на Грција, Андреас Ксантос изјави дека со законот се прави прв важен чекор за пристап на пациентите до медикаменти што докажано имаат корисно, а во некои случаи и терапевтско дејство.
Според грчкото Министерство за здравство, како што јави дописникот на МИА од Атина, со Ззаконот се регулира производството, контролата и дистрибуцијата на медикаменти што содржат фармацевтски канабис, со цел да се промовираат инвестиции во овој сектор што ќе донесат корист за економијата и државата.
Законот, меѓу другото, дава можност за лесен пристап на пациентите до готови фармацевтски производи од канабис од домашно производство, но и можност за физички и правни лица да одгледуваат различни видови на канабис за обработка на суровини со единствена цел, производство на медицински канабис во Грција.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien