Шекеринска – Димитров: Владата цврсто посветена државата да стане 30 земја-членка на Алијансата

Република Македонија и нејзината Влада се цврсто посветени државата да стане 30-та земја-членка на Алијансата, за што има консензус кај сите политички партии, но и висока поддршка од граѓаните на Македонија.

 

Oва го истакнаа  вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, на денешната средба во Скопје со амбасадорот Алехандро Алваргонзалес, помошник на генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика и Мачеј Поповски, заменик генерален директор за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија, кои се во прва заедничка посета на Република Македонија.

 

Шекеринска истакна дека со приемот на Македонија во НАТО, Алијансата ќе има уште еден член што ќе придонесува за мирот и безбедноста на глобално ниво.

 

„Република Македонија беше во сериозна политичка криза изминатите неколку години, но граѓаните и Владата покажаа дека доколку имаме волја, доколку сме посветени и цврсто решени да продолжиме на патот на реформите, ние имаме капацитет тоа и да го направиме. Во исклучително краток период, Република Македонија успеа повторно да се наметне како позитивен пример во регионот. Ги вложуваме сите напори да ги реализираме реформите кои се насочени кон секој припадник на Армијата, кон условите во кои тој работи, кон неговата опременост, знаења и вештини“, рече министерката.

 

Димитров посочи дека македонија веќе подолго време дејствува како де-факто членка на НАТО, особено со споделувањето заеднички одговорности со земјите членки на НАТО.

 

„Како одговорен член на меѓународната заедница и долгогодишен посветен партнер на Алијансата, Република Македонија ќе го зголеми учеството во мисијата „Одлучна поддршка” за 20%”, истакна Министерот Димитров.

 

Двајцата гости, Алваргонзалес и Поповски оддале признание за реформите што ги спроведува владата и за придонесот во мисиите „Одлучна поддршка“ во Авганистан и „Алтеа“ во Босна и Херцеговина, се вели во соопштението.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien