ВИДЕО – Снегот и прекрасното време ги наполнија терените на Станич во Крушево

Снежната покривка од 70-тина сантиметри, прекрасното време и уникатниот амбиент ги наполнија ски терените на Станич во Крушево. Гостите кои ги имаше од цела Македонија уживаа во снежната бајка. Денеска со полна пареа работеа двата ски лифта и жичарницата, под која исто така е уредена патеката за скијање.

 

 

„Дојдовме од Скопје да го искористиме убавото време, преубаво место, но за жал многу не е посетено. Преубаво е навистина“, вели еден посетител од Скопје.

 

Крушевчани велат дека сезоната ја спасил последниот снег, кој веќе неколку викенди ги привлекува гостите, претходно било празно.

 

„Картите се истапкани, картите се намалени, дневната карта чини 400 денари, а полудневната 300 денари. Работат двата ски лифта, жичарницата, а истапкана е стазата под жичарницата“, изјави Јорго Христоски, сопственик на жичарницата.

 

 

 

Викендов се очекува да бидат иисполнети голем дел од сместувачките капацитети. Гостите се презадоволни од тоа што го нуди Крушево, спој на прекрасната природа и една урбана средина.

 

„Доаѓаме од Демир Хисар, тука сме фамилијарно, често доаѓаме тука терените се супер“, вели посетител од Д. Хисар.

 

„Викендов во Крушево е прекрасно, терените се добри, имаме нов снег, има туристи“, рече посетител од Прилеп.

 

„Доаѓаме од Скопје, прв пат сме тука, се е средено, сместувањето, планината, снегот, навистина е одлично“, истакна една гостинка од Скопје.

 

„Терените се супер за почетници, малку сега дојдоа облаци, но добро е“, кажа друг посетител од Скопје.

 

 

 

 

 

 

 

Од Општина Крушево велат дека се задоволни од тоа како поминала оваа зимска сезона, а за да привлечат поголем број на туристи планирале повеќе активности во периодот кој следи

 

„Ставен беше во употреба општинскиот ратрак, ги намаливме цените на паркингот. Исто така започнавме една активност на социјалните мрежи користејќи го хаштагот „Викенд во Крушево“ заедно со угостителскиите објекти, како пицериии, ресторани, кафулиња“, потенцираше Сотир Габелоски, односи со јавност во Општина Крушево.

 

Целта е Крушево да функционира како туристички центар 365 дена во годината.

 

За зголемување на бројот на туристите Општина Крушево во наредниот период планира одржување на голем број на културни манифестации, како и рекламирање на туристичкиите потенциијали на градот на социјалните мрежи. Најголем број на туристи се очекува да дојдат ова лето во Крушево кога тука треба да се одржат 10-тина меѓународни натпревари во параглајдерство.

 

И крушевчани и гостите се надеваат дека со повеќе инвестиции и заложби од државата Крушево полека да се врати на мапата на туристички посети.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien