Поранешен руски шпион хоспитализиран во тешка состојба по допир со непозната супстанца

Поранешниот руски двоен шпион, кој е осуден за предавство во Москва, се наоѓа во критична состојба во британска болница откако беше изложен на непозната материја. Станува збор за Сергеј Скрипал кој во 2006 година беше осуден на 13 години затвор за шпионажа за британската агенција МИ6.

 

Поранешниот 66-годишен шпион и 33-годишна жена во неделата беа пронајдени во бессознание на клупа во трговски центар во англискиот град Сализбури откако биле изложени на непозната материја. Би-Би-Си јави дека жената всушност е 33-годишната ќерка на Сергеј, Јулија Скрипал.

 

Двајцата се во критична состојба и се наоѓаат на интензивна нега. Иако британските власти соопштија дека нема ризици за јавноста, полицијата го опколи местото каде беа пронајдени, како и пицеријата „Зижи“ во центарот на Сализбури.

 

Двајца британски полициајци исто така биле хоспитализирани со лесни симптоми на труење, откако биле на местото каде беа пронајдени Сергеј Скрипал и неговата ќерка, соопшти денеска претставник на Скотланд јард.

 

Помошник шефот на полицијата во Вилтшир, Крејг Холден наведе дека се отворени сите опции во врска со случајот.

 

„Ова не е прогласено за противтерористички инцидент и ние ќе ги поттикнеме луѓето да не шпекулираат. Сепак, морам да истакнам дека задржуваме отворени опции и продолжуваме да ја разгледуваме оваа позиција“, истакна Холден.

 

Сергеј Скрипал, некогашен полковник на руската воена разузнавачка служба ГРУ, доби дозвола за престој во Британија откако во 2010 година беше разменет за руски шпиони уапсени на Запад во рамките на размена на шпиони на писта на виенскиот аеродром.

 

Ова е втор случај на труење на поранешен руски агент во Велика Британија. Во 2006 година на 43-годишна возраст во Лондон почина поранешниот руски разузнувач Александар Литвиненко, откако беше затруен со радиоактивен полониум-210. Литвиненко пребега од Русија во Велика Британија, по што стана еден од главните критичар на Кремљ. За ова убиство британската истрага смета дека веројатно било одобрено од претседателот Владимир Путин, но Кремљ постојано негира каква било вмешаност во убиството.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien