Докторите во Канада протестираат поради покачувањето на нивните плати

Над 500 доктори-специјалисти од канадската провинција Квебек, како и над 150 студенти по медицина, бараат властите да го повлечат најавеното зголемување на нивните плати и парите да ги потрошат на подобрување на условите за пациентите и ресурси за медицинскиот персонал.

 

Шокантно е, според нив, што овие покачувања се случуваат во период кога медицинските сестри, чиновниците и останатиот професионален кадар се соочуваат со многу тешки работни услови и се мобилизираат за да протестираат за подобрување на условите.

 

Исто така според докторите пациентите живеат во недостаток на пристап до потребните услуги како последица на драстичните кратења на средствата во изминатите години и централизацијата на моќ во министерството за здравство.

 

„Очигледно, единствено нешто што е имуно на кратење се нашите плати“, се жалат лекарите од Квебек во писмото кое беше потпишано минатата недела, но денеска објавено во канадските медиуми.

 

Како дел од договорот постигнат минатиот месец, 10.000 специјалисти по медицина во провинцијата требаат да добијат покачување на платите од досегашните 4,7 на 5,4 милијарди долари до 2023 година, или покачување од 1,4 проценти секоја година.

 

Просечната плата што министерството за здравство ја исплаќа на доктор во Канада е 260.924 долари годишно. Просекот е добиен на ниво на професија, според специјализација најмногу се платени хирурзите со 354.915 долари годишно, а најниско семејните доктори со 211.717 долари.

 

Министерот за здравство на Квебек, Гаетан Барет одговорил дека доколку докторите се откажат од нивното покачување, тоа можат да го сторат без проблем.

 

„Доколку сметаат дека се преплатени, можат да ги остават парите. Ви гарантирам дека ќе ги искористам на добар начин“, рекол Барет.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien