Пападимулис: Меѓународен договор со надуставна сила е најдоброто решение

Најдобриот начин за да постигнеме решение во македонското прашање е да ја завршиме Времената спогодба од 1995 со меѓународен договор со надуставна сила, смета потпретседателот на Европскиот парламент и шеф на еврогрупата на СИРИЗА, Димитрис Пападимуилис.

 

Во изјава за радиото 247, тој како пример го споменува Лозанскиот договор, јави дописникот на МИА од Атина.

 

„Најдобриот начин е со меѓународен договор со надуставна сила, со комплетни и обезбедени меѓународни гаранции како што е Лозанскиот договор (што не може никој да го смени) и ќе треба да се обезбедат две големи национални барања. Прво, сложено име, заемно прифатливо, ерга омнес, за сите употреби и второ, конечно напуштање на секаков вид на иредентизам. А иредентизмот да се замени со спогодба за пријателство и соработка меѓу двете земји, втемелена во стабилноста и неоспорувањето на постоечките граници, спогодба што ќе биде „заклучена“ во Меѓународен договор што ќе има гаранции и потпис од Европската унија, ОН итн.“, објасни Пападимулис.

 

Тој вели дека не е правник, но според негово мислење, кога постои меѓународен договор со гаранции, тогаш има надуставни карактеристики и е обврзувачки.

 

Во однос на разговорите за името, Пападимулис смета дека треба да има повеќе преговори, а помалку интервјуа.

 

„Мислам дека треба да се интензивираат консултациите, преговорите, на ниво на министри за надворешни работи, а ако биде потребно и на ниво на премиери, како што добро започна со средба Ципрас-Заев и да имаме помалку интервјуа. Преговорите преку интервјуа се помалку ефективни, отколку добро подготвени билатерални преговори на масата на дијалог“, коментира Димитрис Пападимулис.

 

За ставот на потпретседателот на Европскиот парламент и шеф на еврогрупата на СИРИЗА, за меѓународен договор со надуставна сила, грчките медиуми коментираат дека изјавата доаѓа „само еден ден по изјавите на Заев кој преферира меѓународен договор наместо промена на Уставот“.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien