Царовска: Храброста и пркосот на жените се движечка сила

Осми март оваа година го дочекуваме со возобновена, ослободувачка и зајакнувачка енергија која ја предизвика глобалното движење на жените, кои решија гласно да проговорат и да се спротивстават на насилството на кое се изложени – порача министерката за труд и социјала Мила Царовска.

 

„Особено ме радува што и жените од нашата земја се приклучија на светскиот тренд на охрабрување да се проговори за насилството со кое се соочиле, затоа што конечно зборуваме за трансформација на општества. И затоа, сега кажувам дека храброста и пркосот на жените биле и се движечката сила на прогресот во општествата, отсекогаш и насекаде. Сега кажувам дека родовата еднаквост не е само прашање на фундаментални човекови права, туку и основа за просперитет и одржлив развој“, истакнува министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

 

Таа говореше на одбележувањето на ратификацијата на „Истанбулската конвенција“, по повод Меѓународниот ден на жената, организирано од Канцеларијата на Обединетите нации.

 

Според Царовска, прашањето на надминување на родовата нееднаквост и борбата против насилството врз жените не е нешто што можеме да го направиме само со зборови, потребни се конкретни дела.

 

„Оваа Влада и јас лично како министерка се заложивме дека ќе го направиме неопходниот пресврт, како што доликува на една демократска европска земја, после еден подолг период во кој се уназадуваа веќе стекнати права на жената, а на родовите теми се гледаше исклучиво преку патријархален светоглед“, истакнува Царовска.

 

Министерката посочи дека ратификувањето на Истанбулската конвенција претставува револуционерен чекор во превенцијата и борбата против родово базираното насилство, но клучниот предизвик е доследната имплементација на обврските што се презедоа со прифаќањето на оваа конвенција. По ратификацијата на Истанбулската конвенција, во Македонија треба да се воспостават 25 засолништа за жртви на насилство, најмалку пет кризни центри за жртви на силување и најмалку три центри за жртви на сексуално насилство.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.