ВИДЕО – Матеска : Нареден предизвик ќе ми биде да ги научам главните градови на државите

Света Луција, Кирибати, Суринам, Палау, Того, Буркина Фасо, Бутан и Тонга се само дел од државите за кои не знаеме ниту каде се наоѓаат ниту дека воопшто постојат. Но 7 годишната Марија Матеска од Прилеп не само што ги знае сите над 200 држави во светот, туку ги знае и сите нивни знамиња.

 

 

„Тука на ѕидот имам над 205 знамиња и јас ги знам сите кое знаме е од која држава, пример ова е од Науру, ова од Руанда, Барбадос, потоа Палау, Сејшелски острови и многу други. Најомилени знамиња ми се од Нов Зеланд, Италија, Палау, Сејшелски острови и Русија. Македонско знаме го сакам бидејќи личи на сонце и ја сакам жолтата боја. Знамињата ги памтам по симболите, боите, сите имаат нешто различно“, вели Матеска.

 

Досега била во Бугарија и Албанија, но сака да ги посети сите држави во светот.

 

„Најмногу сакам да отидам во САД, во Нов Зеланд, Русија, Италија и Малдиви“, вели Матеска.

 

 

 

Со учењето на знамињата започнала пред 1 година, прво цртајќи ги на ливчиња заедно со нејзиниот татко, а потоа родителите и ги испечатиле сите на овој ѕид.

 

„Марија уште кога имаше 6 години виде едно знаменце од некоја држава на интернет и посака да го нацрта. Побара наша помош бидејќи сакаше да изгчеда токму како знаме. Тогаш започна да не распрашува колку држави постојат во светот, кои се тие, па како изгледаат нивните знамиња и се повеќе и повеќе започна да се интересира за тоа. Така започна целата приказна и после со сопругот ги направија сите знамиња. Полека почнуваше да ги учи, 5 во група, па потоа по повеќе, ги повторуваше тие претходно што ги знаеше и така се претвори ова како една игра за неа“, вели мајката на Марија, Сашка Спиркоска Матеска.

 

„На почетокот сакав низ игра да ги научиме првин европските знамиња. Но таа инсистираше и сакаше да ги направиме сите знамиња. Сега ги имаме во печатена форма на ѕидот и сега си играме заедно со Марија и сопругата игри „На буквата …“ и погодуваме држави. Марија знамињата ги учеше околу 1 до 2 месеци. Со неа и јас ги учев знамињата и сеуште ги учам, има дел од африканските знамиња кои навистина не ги знам, имаат премногу слични симболи, но Марија ги знае“, вели таткото Љупче Матески.

 

Матеска вели дека нареден предизвик ќе и биде да ги научи сите главни градови на државите.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи